Меѓународната дизајнерска резиденција „Зелена и одржлива мода: Нордиско-балтичка приказна“, реализирана во рамки на Fashion Weekend Skopje 32, ги поврза дизајнерите од нордиско-балтичкиот регион и Македонија во заеднички процес што надмина класична модна соработка и се претвори во поширока платформа за културна размена, одржливост и нови партнерства.
Иницијативата беше покрената од Амбасадата на Шведска во земјава, во партнерство со Канцеларијата на Амбасадата на Литванија, Амбасадите на Данска, Финска и Норвешка, Македонското модно здружение и со поддршка на Нордискиот совет на министри.
Во проектот беа вклучени десет дизајнери, кои наместо да работат на одвоени авторски линии, создадоа заедничка и слоевита приказна, во која различните пристапи и естетики не беа избришани, туку поврзани. Под менторство на Ирина Тошева, процесот остана отворен и доволно флексибилен за да овозможи вистинска креативна размена.



Резиденцијата не остана затворена само во рамки на модниот настан. Дизајнерите посетија шест градови низ земјава, каде што преку директна работа со локални занаетчии ги истражуваа традиционалните техники и нивната современа интерпретација. Посетите на музеи и културни институции, според организаторите, биле дел од истражувачки процес насочен кон препрочитување на наследството низ нов дизајнерски јазик.

Проектот се отвори и кон младите. Преку работилници во училишта, повеќе од 50 ученици разговараа со дизајнерите за одржливост, дигитализација и иднината на модата, но и за модата како реален избор, а не само како индустрија што се набљудува од дистанца.
Кулминацијата на резиденцијата се случи во рамки на Fashion Weekend Skopje 32, преку изложба и дебата што го заокружија процесот. Во рамки на #MadeWithSweden Public Talk, реализиран во соработка со Bergstrand Consultancy, разговорот продолжи и во меѓународен формат, со онлајн вклучување што ја поврза локалната сцена со нордискиот контекст.





Во овој дел од програмата се отворија прашања за одржливоста како системска пракса, а не како тренд, со фокус на знаењето, иновациите и размената како двигатели на промена. Беа споделени и увиди за тоа што шведските компании бараат од производствените капацитети кога влегуваат во трговска соработка и партнерства.
Под модерација на Ирина Михајлова, разговорот со амбасадорите го отвори прашањето за значењето на нордиско-балтичката соработка надвор од регионот, како и за потенцијалот за долгорочни партнерства со Западен Балкан. Во вториот дел, воден од Ирина Тошева, дизајнерите зборуваа за одржливоста како секојдневна одлука, а искуството од резиденцијата го сумираа низ зборови како соработка, тим, преплетување и бисер.
Она што останува по завршувањето на 32. издание на Fashion Weekend Skopje не се само модни решенија, туку и нови соработки, нов поглед кон одржливоста и заедничка креативна меморија. Токму затоа, овој проект може да се чита и како модел што лесно би можел да се пренесе и во други контексти, каде модата не е само естетика, туку и алатка за културна дипломатија и индустриска трансформација.
Изложбата е отворена во Diamond Mall до 5 април.