Фарел го консутирал Девито за Пингвин и се расправале кој е подобар во улогата

Оваа недела премиерно беше прикажана долгоочекуваната серија „Пингвин“ каде што Колин Фарел ја игра главната улога. Тој повторно го глуми негативецот Освалд Оз Коблпот, повторувајќи ја улогата од филмот „Бетмен“ од 2022 година.

Оваа улога на Оз Коблпот, или попознат како Пингвин, низ историјата ја глумеле многу актери, а веројатно најпознат е Дени Девито од филмот  на Тим Бартон, „Враќањето на Бетмен“ од 1992 година.

Пред да ја повтори својата улога, Фарел откри дека се консултирал со Девито за како најдобро да се подготви за улогата. Фарел и Девито заедно глумеа во филмот „Дамбо“ од 2019 година.

Фарел вели дека со Девито размениле неколку пораки за карактерот, но откри и дека се шегувале за тоа кој е подобар Пингвин.

Приказната во серијата се случува една недела по случувања од филмот „Бетмен“. Го следи Пингвин како се обидува да стане крал на подземјето во Готам, по смртта на Фалконе. Но, патот до врвот нема да му биде лесен, бидејќи се соочува со Софија Фалконе, ќерка на убиенот шеф на подземјето.

Според Гардијан, оваа серија повеќе изгледа како „Сопранови“ за помладите генерации отколку како класична серија за Бетмен. Иако дејството на серијата се случува во Готам, сепак Бетмен воопшто не се појавува.

Фарел вели дека инспирација за Пингвин црпел од повеќе карактери, вклучувајќи ги и Ал Капоне од Де Ниро во „Недопирливите“, како и од Тони Сопрано кој го глумеше Џејмс Гандолфини.

Тој вели дека најмногу труд вложил за да ја прикаже темнината на карактерот.

„До крајот и јас бев смуртен бидејќи е мрачно и тој е толку безмилосен и суров карактер“ открива Фарел.

За да излезе од негативноста и суровоста на серијата, Фарел открива дека по снимањата гледал цртани филмови.

„Гледав филмови на Пиксар. Ќе се вратев во соба и ќе го пуштев ‘Барајќи го Немо’. Морав да гледам лабави работи. Не ни помислував да гледам нешто мрачно“ вели Фарел.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни