По 35 години и речиси 14.000 изведби, во неделата за последен пат се спушти завесата на најдолготрајното шоу во историјата на Бродвеј – „Фантомот од операта“.
На последната изведба, повеќе од 1.500 луѓе го поздравија Лојд Вебер и оригиналната и актуелна актерска екипа на претставата на сцената.
Последниот настап композиторот му го посвети на синот Ник кој неодамна почина.
„Се надевам дека нема да ви пречи ако овој последен настап му го посветам на мојот син“, рече Лојд Вебер во своето обраќање до публиката.
Актерката и пејачка Сара Брајтман од оригиналната постава рече дека верува оти „Фантомот“ ќе се врати на сцената.
„Мислам дека на луѓето ќе им недостига толку многу што „Фантомот“ ќе се врати во одреден момент“. Јас верувам во тоа“, рече таа.
Во публиката имаше многу познати личности, меѓу кои и актерката Глен Клоуз.
„Лојд Вебер е гениј. Мислам дека ова е трагична вечер, но и вечер на триумф. Никој не може да верува дека тука е крајот. Така што верувам дека ќе биде многу емотивно“, изјавила актерката пред настапот.
Од својата премиера во 1988 година, мегахит мјузиклот на Ендрју Лојд Вебер ги воодушеви њујорчаните и туристите, станувајќи симбол на познатата театарска област.
„Фантомот од операта“ го виделе 20 милиони луѓе, а од продажбата на билети шоуто заработи повеќе од 1,4 милијарди долари.
Сепак, продуцентите одлучија дека е време да се стави крај на серијата по 18-месечното затворање на Бродвеј поради пандемијата и кризата во која се најдоа театрите, особено оваа претстава – поради скапата продукција и големиот ансамбл.
Шоуто претходно освои седум награди „Тони“, како и за најдобар мјузикл, а во 2006 година стана најдолготрајното шоу во историјата на Бродвеј.
„Фантомот од операта“ првпат беше изведен во 1986 година во Лондон, беше поставен во речиси 200 градови низ светот и беше изведен на 17 јазици повеќе од 70.000 пати.
Извор: novatv.mk