Фантастичната четворка: Првите чекори – приказна за јунаци создадени многу пред најпознатите

Шестата фаза на Marvel официјално започнува наскоро, а нејзиниот прв филмски наслов – „Фантастичната четворка: Првите чекори“ (The Fantastic Four: First Steps) – пристигнува во кината на 24 јули.

Станува збор за суперхерои создадени уште во 60-тите години, многу пред Ајрон Мен, Халк или Спајдермен. Четворката – составена од астронаути кои стекнуваат супермоќи по изложување на космичко зрачење – првпат се појавува во стриповите на Marvel благодарение на легендарните Стен Ли и Џек Кирби.

Во новата екранизација, Marvel нуди модерна, научнофантастична и визуелно уникатна верзија на овие ликови, која стилски се вклопува во поширокиот Marvel универзум и воспоставува врска со претходните, но и со идните филмови – како што е новата епизода на „Одмаздниците“.

По прикажувањето на филмот „Громовници“ со Флоренс Пју, на големото платно се појавуваат Рид Ричардс како Господин Фантастичен, Сју Сторм – Невидливата жена, Џони Сторм – Човечката факла, и Бен Грим – Ѕверот, кој секогаш пред борба извикува: „Време е за удари!“. Тие се суперхеројска фамилија, а нивните односи се емоционално најдлабоки во целиот Marvel свет.

Дејствието на филмот се одвива во алтернативна реалност, налик на ретро-футуристички Њујорк од 1960-тите. Четворката мора да го одбрани светот од космичката закана по име Галактус и неговиот гласник.

Режисер на филмот е Мет Шакман, познат по работата на серијата „ВандаВизија“. Во интервју за Variety, тој изјави: „Уште како дете се заљубив во Фантастичната четворка – тие беа позитивни, полни со хумор, енергија и љубов. Нивната поврзаност со вселенската трка отсекогаш значеше дека се симбол на истражување и надеж.“

Главните улоги ги толкуваат Педро Паскал, Ванеса Кирби, Џозеф Квин, Ебон Мос-Бакрак, како и Џон Малкович и Џулија Гарнер.

Филмот „Фантастичната четворка: Првите чекори“ премиерно ќе се прикажува од четврток, 24 јули, во сите поголеми киносали.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни