Фан на Реал Мадрид седум децении го бодри тимот од трибините, го гледал и првото финале од Европскиот куп

Фото: LauraHale, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

86-годишниот Хуан Антонио Кобос е верен фан на Реал Мадрид, а тоа го докажува појавувајќи се на трибините да го бодри својот тим изминатите седум децении, пишува Ројтерс.

Во февруари, Кобос, кој е поранешен фармацевт, доби златни и дијамантски ознаки од Реал Мадрид на церемонија на која се одликуваа најдолгогодишните членови на тимот. Тој ги доби одличјата за поминати 60 години како член.

Кобос открива дека целото негово семејство се фанови на Реал Мадрид и дека прв пат бил на стадион кога имал само шест години.

Роден во 1937 година, Кобос се преселил да студира фармација во Мадрид кога имал 17 години и оттогаш е редовен на трибините. Тогаш тој се сретнал со Федерико Кано, исто така посветен фан на Реал и станале пријатели. Заедно со Кано, тие започнале да одат и на гостинските натпревари на Реал Мадрид.

Во 1956 година, тие биле во Париз за финалето на Европскиот куп, што подоцна стана Лигата на Шампионите.

„Тоа беше неверојатен натпревар. Тој Реал беше одличен, начинот на кој победија. Но додека го гледавме натпреварот со мојот пријател Федерико, не сфаќавме дека го гледаме раѓањето на натпреварување кое ќе стане најпознато во светот. Тоа беше невозможно да се замисли“ вели Кобос.

Тој тогаш сигурно не би верувал дека ќе има прилика да ги гледа во живо речиси сите 15 титули кои Реал Мадрид ги освои во Лигата на Шампионите.

„Бев на сите финалиња на Европскиот куп, освен на третото, тоа што се одржа во Брисел во 1957 година. Тоа го пропуштив бидејќи паднав предмет и татко ми ми забрани“ вели Кобос.

Кобос оди на натпреварите на Реал Мадрид заедно со неговото семејство и вели дека планира да продолжи да го следи Реал Мадрид на натпреварите во Шпанија, но и низ Европа.

Кобос има пропуштено само неколку натпревари на Реал Мадрид, а кога го правел тоа било поради оправдани причини. Тој морал да пропушти неколку натпревари од сезоната 2005/06 бидејќи имал рак. Потоа ги пропуштил натпреварите во 2020, кога светот беше погоден од пандемијата на КОВИД-19.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни