Факултетот за ликовни уметности доцна синоќа излезе со реакција на предложениот концепт за реформи во гимназисокото образование.
,,Современиот образовен систем, рецентното социјално живеење и работење во голема мера се темелат на Визуелната/ Ликовната култура. Речиси и да не може да се замисли поинакво функционирање на современиот свет без употреба на визуелна култура” се вели во писмото на ФЛУ.
Нивните реакции се однесуваа кон недоволниот број на часови по Ликовна уметност. Тие бараат Ликовното образование и култура да биде застапено со 2 часа неделно во секоја година.
,,Визуелните уметности/ ликовната култура не ја негуваат само креативноста, туку поттикнуваат истражување, анализирање, интерпретирање и решавање на проблеми. Сите наведени се основни компоненти за развивање на критичкото размислување. Со потенцирање на важноста на предметот Ликовна уметност во образовната програма, наставниот кадар може да ги охрабри учениците за поактивно учество, мултидисциплинарна соработка и подлабоко разбирање на комплицираните теми и наставен материјал во образовниот процес.
Од ФЛУ реагираат дека во изборните предмети нема ниту еден предмет во контекст на развивање на креативност. Дополнително, меѓу слободните изборни предмети нема предмети кои ја потенцираат креативноста.
,,Нема објаснување како функционираат клубовите како Клуб за визуелни уметности. И дали активностите на овие клубови и резултатите ќе бидат забележани во свидетелствата и ќе влијаат на запишување во високо образование” се вели во реакцијата.
Уметностите, велат од ФЛУ не се само декор на општеството туку се нужност за развивање на свест за културни вредности, национален идентитет, вредносни критериуми, креативна свест и критичко размислување.