Факти за Коридорот 8: Досега пробиени 17 километри на делницата Гостивар – Букојчани

На делницата Гостивар – Букојчани од Коридорот 8 досега се пробиени околу 17 километри, покажуваат најновите податоци од изградбата.

Делницата е долга нешто над 30 километри и претставува еден од клучните сегменти на автопатската врска што треба да го заобиколи планинскиот превој Стража, каде често има отежнат сообраќај поради временски услови.

Гостивар – Букојчани е една од четирите делници што се градат во рамките на договорот склучен во март 2023 година со компаниите Бехтел и Енка. Вкупната должина на пакетот е околу 110 километри, а вкупната вредност на проектот изнесува околу 1,3 милијарди евра. Според првичните проектни пресметки, делницата Гостивар – Букојчани има должина од приближно 30,3 километри и проценета вредност од околу 560 милиони евра, што ја прави една од посложените делници поради теренската конфигурација.

Изградбата вклучува изведба на тунели, мостови, потпорни конструкции и вијадукти, што го објаснува и подолгото времетраење на земјените и подготвителните работи. Според достапните информации, програмата на работа опфаќа земјени работи, ископи на косини, насипи и оформување на траса, кои се изведуваат на повеќе позиции истовремено.

Финансиските податоци покажуваат дека од почетокот на проектот до крајот на 2024 година кон изведувачот биле префрлени околу 261 милион евра. Исплатите продолжуваат и во 2025 година, согласно договорната динамика, која ги опфаќа трошоците за проектна документација, подготвителни работи, експропријација и изведба на делниците.

Во рамки на Коридорот 8 работите се одвиваат со различно темпо на делниците. На делницата Тетово – Гостивар, долга околу 17,5 километри, градежните активности започнаа во 2025 година. Делницата Требеништа – Струга – Ќафасан е во фаза на ревидирање на трасата, а на делницата Букојчани – Кичево се спроведуваат посебни постапки за надзор и изведба.

Досегашните градежни активности на Гостивар – Букојчани создаваат основа за понатамошна изведба на конструктивните елементи на автопатот, кои ќе следуваат по завршување на земјените работи на поголем дел од трасата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни