Од Меѓународната мрежа за проверка на факти (International Fact-Checking Network) реагираа во отворено писмо до Марк Закерберг, сопственикот на технолошката компанија „Мета“ од која дел се социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и Тредс, во врска со неодамнешната изјава на Закерберг дека ќе ја укине програмата за проверка на факти во САД.
Тие истакнуваат дека целта на програмата за проверка на факти е да ја намали видливоста на невистинитите содржини без да ги цензурира. Според новинарите, ваквиот пристап придонесе корисниците да имаат посигурни информации, што е во согласност со основните вредности на слободата на говорот.
Во реакцијата се додава дека укинувањето на програмата може да го зголеми ширењето на дезинформации, особено во политички чувствителни моменти.
Отвореното писмо го пренесуваме во целост:
Почитуван г. Закерберг,
Пред девет години, ви пишавме за реалните штети предизвикани од лажни информации на Фејсбук. Како одговор, Мета создаде програма за проверка на факти која помогна да се заштитат милиони корисници од измами и теории на заговор. Оваа недела, објавивте дека ќе ја укинете програмата во Соединетите Американски Држави поради загриженост за „преголема цензура“ – одлука која го загрозува речиси деценискиот напредок во промовирањето на точни информации онлајн.
Програмата која започна во 2016 година беше значаен чекор напред во поттикнувањето на фактичката точност онлајн. Им помогна на луѓето да имаат позитивно искуство на Фејсбук, Инстаграм и Тредс, намалувајќи го ширењето на лажни и манипулативни информации во нивните содржини. Ние веруваме – а и податоците покажуваат – дека повеќето луѓе на социјалните мрежи бараат доверливи информации за да донесат одлуки за своите животи и да имаат добри интеракции со своите пријатели и семејства. Целта беше да се информираат корисниците за лажни информации за да се успори нивното ширење, без да се цензурираат. Проверувачите на факти силно ја поддржуваат слободата на изразување и тоа го кажавме неколку пати, вклучително и во минатогодишното Сараевско соопштение. Слободата да се каже зошто нешто не е вистина е исто така слобода на говор.
Но, вие велите дека програмата станала „алатка за цензура“ и дека „проверувачите на факти биле премногу политички пристрасни и уништиле повеќе доверба отколку што создале, особено во САД“. Ова е неточно, и сакаме да појасниме, и во денешниот контекст и за историски записи.
Мета бараше сите партнери за проверка на факти да ги исполнуваат строгите стандарди за непристрасност преку верификација од страна на Меѓународната мрежа за проверка на факти. Ова значеше дека не смеат да имаат никакви врски со политички партии или кандидати, ниту пак да се залагаат за политики, и дека мораат да се придржуваат до непристрасност и транспарентност. Секој медиум годишно подлежеше на ригорозна верификација, вклучувајќи независна оценка и проверка од колеги. Мета доследно ги фалеше овие стандарди како ригорозни и ефикасни. Пред само една година, Мета ја прошири програмата и на Тредс.
Вашите коментари сугерираат дека проверувачите на факти биле одговорни за цензурата, иако Мета никогаш не им даде овластување да отстрануваат содржини или профили. Луѓето онлајн често ги обвинуваа и малтретираа проверувачите на факти за постапките на Мета. Вашите неодамнешни коментари несомнено ќе ги поттикнат ваквите перцепции. Но, реалноста е дека вработените во Мета одлучуваа дали содржината која проверувачите ја означиле како лажна треба да биде со намален досег или да биде етикетирана. Неколку проверувачи низ годините ѝ предложија на Мета како да ги подобри овие етикети за да бидат помалку наметливи и да избегнат дури и изглед на цензура, но Мета никогаш не ги послуша таквите предлози. Дополнително, Мета ги изземаше политичарите и политичките кандидати од проверка како претпазлива мерка, дури и кога тие ширеа познати невистини. Проверувачите, пак, велеа дека политичарите треба да се проверуваат како и сите други.
Низ годините, Мета обезбедуваше само ограничени информации за резултатите од програмата, иако проверувачите и независните истражувачи постојано бараа повеќе податоци. Но, од она што можевме да го видиме, програмата беше ефективна. Истражувањата покажаа дека етикетите за проверка на факти го намалуваа верувањето и споделувањето на лажни информации. И во вашето сопствено сведочење пред Конгресот, се фалевте за „водечката програма за проверка на факти во индустријата“ на Мета.
Рековте дека планирате да започнете програма „Белешки на заедницата“ (Community Notes) слична на онаа на X. Ние не веруваме дека ваквиот тип програма ќе резултира со позитивно корисничко искуство, како што впрочем покажува X. Истражувањата покажуваат дека многу „Белешки на заедницата“ никогаш не се прикажуваат, бидејќи зависат од широка политичка согласност наместо од стандарди и докази за точност. И покрај тоа, нема причина зошто „Белешките на заедницата“ не би можеле да коегзистираат со програмата за проверка на факти од трети страни; тие не се меѓусебно исклучиви. Моделот „Белешки на заедницата“ кој работи во соработка со професионалните проверувачи на факти би имал силен потенцијал како нов модел за промовирање точни информации. Потребата за ова е голема: ако луѓето веруваат дека социјалните мрежи се полни со измами и манипулации, нема да сакаат да поминуваат време таму или да прават бизнис на нив.
Ова нè доведува до политичкиот контекст во Соединетите Држави. Тајмингот на вашето соопштение дојде по потврдата на изборната победа на Доналд Трамп и како дел од поширокиот одговор од технолошката индустрија на новата администрација. Самиот г. Трамп рече дека вашето соопштение „веројатно“ е одговор на заканите што ги упати против вас. Некои од новинарите, кои се дел од нашата заедница на проверувачи на факти, се соочија со слични закани од владите во земјите каде што работат, па разбираме колку е тешко човек да се спротивстави на овој притисок.
Планот за укинување на програмата за проверка на факти во 2025 година засега важи само за Соединетите Држави. Но, Мета има слични програми во повеќе од 100 земји кои се многу различни, во различни фази на демократија и развој. Некои од овие земји се особено ранливи на дезинформации што поттикнуваат политичка нестабилност, мешање во избори, насилство на толпата, па дури и геноцид. Ако Мета одлучи да ја укине програмата на глобално ниво, тоа речиси сигурно ќе резултира со реални штети на многу места.
Овој момент ја нагласува потребата за повеќе финансии за новинарството во служба на јавниот интерес. Проверката на факти е од суштинско значење за одржување на заедничката реалност и дискусија базирана на докази – и во Соединетите Држави и на глобално ниво. Филантропскиот сектор има можност да го зголеми својот придонес во новинарството во критично време.
Најважно, веруваме дека одлуката да се укине програмата за проверка на факти од трети страни од страна на Мета е чекор назад за оние кои сакаат да видат интернет кој дава приоритет на точни и доверливи информации. Се надеваме дека во годините што следат на некој начин ќе можеме да го надоместиме овој изгубен напредок. Ние остануваме подготвени повторно да соработуваме со Мета или со која било друга технолошка платформа која е заинтересирана да ја ангажира проверката на факти како алатка за да им обезбеди на луѓето информации што им се потребни за да донесуваат информирани одлуки за нивните секојдневни животи.
Пристапот до вистината ја зајакнува слободата на говорот, овозможувајќи им на заедниците да ги усогласат своите избори со своите вредности. Како новинари, остануваме посветени на слободата на печатот, осигурувајќи дека потрагата по вистината ќе продолжи да биде темел на демократијата.
Со почит,
15min – Литванија
AAP FactCheck – Австралија
AFP – Франција
AkhbarMeter Media Observatory – Египет
Animal Político-El Sabueso – Мексико
Annie Lab – Хонгконг
Aos Fatos – Бразил
Beam Reports – Судан
BOOM – Индија
Check Your Fact – САД
Chequeado –Аргентина
Civilnet.am – Ерменија
Colombiacheck – Колумбија
Congo Check – Конго, ДР Конго, Централноафриканска Република
Doğruluk Payı – Турција
Dubawa – Нигерија
Ecuador Chequea – Еквадор
Ellinika Hoaxes – Грција
Estadão Verifica – Бразил
FactCheckHub – Нигерија
Fact-Check Cyprus – Кипар
FactCheck.org – САД
FactCheckNI – Северна Ирска
Factcheck.Vlaanderen – Белгија
Factchequeado – САД
Factly – Индија
FactReview – Грција
Factnameh – Иран
Faktisk.no – Норвешка
Faktograf – Хрватска
Fakt Yoxla – Азербејџан
Fatabyyano – Јордан
Full Fact – Обединетото Кралство
Greece Fact Check – Грција
Gwara Media – Украина
Internews Kosova KALLXO – Косово
Istinomer – Србија
Källkritikbyrån – Шведска
KOMPAS.com – Индонезија
La Silla Vacía – Колумбија
Lead Stories – САД
Les Surligneurs – Франција
Lupa – Бразил
Mafindo – Индонезија
Mala Espina – Чиле
MediaWise – САД
Metamorphosis – Северна Македонија
MyGoPen – Тајван
Myth Detector – Грузија
Newschecker – Индија
Newtral – Шпанија
Observador – Португалија
Open – Италија
Pagella Politica / Facta news – Италија
Polígrafo – Португалија
PolitiFact – САД
Pravda – Полска
PressOne.PH – Филипини
Probe – Филипини
Rappler – Филипини
RMIT Lookout – Австралија
Snopes – САД
Taiwan FactCheck Center – Тајван
Tech4Peace – Ирак
Telugu Post – Индија
The Stage Media-Liberia– Либерија
Tirto.id – Индонезија
The Journal FactCheck – Ирска
The Logical Indian – Индија
VERA Files – Филипини
Verify – Сирија