Факт-чек: Дали ЕУ навистина ќе почне да ги скенира вашите пораки?

Социјалните мрежи вријат од тврдења дека ЕУ ќе ги скенира сите пораки, но тоа не е вистина. Предлогот е сè уште во расправа и содржи бројни заштити на приватноста.

Објавите на социјалните мрежи предизвикуваат паника тврдејќи дека Европската Унија наскоро ќе почне да ги скенира сите текстуални пораки – дури и пред да бидат испратени. Но, овие стравувања се предвремени и неточни, бидејќи предлог-законот кој предвидува вакви мерки сè уште е во фаза на преговори.

Станува збор за предлог-регулатива на Европската комисија од 2022 година, која има цел да се справи со онлајн сексуалната злоупотреба на деца (CSAM). Доколку биде усвоен, законот би ѝ овозможил на ЕУ да воведе „наредби за откривање“, со кои на компаниите како WhatsApp, Signal или други би им било наложено да скенираат содржина за познати или нови злоупотребувачки материјали, како и обиди за онлајн мамење на деца.

Овие наредби би биле ограничени, законски регулирани и издавани само со судска или независна административна дозвола, базирана на ризик.

Зошто луѓето стравуваат?

Главната загриженост се однесува на тоа што, ако овие мерки се применат кај апликации со end-to-end енкрипција, скенирањето ќе мора да се извршува директно на уредот на корисникот – процес наречен client-side scanning. Ова би можело да ја наруши приватноста и безбедноста на корисниците, иако целта е заштита на децата.

Многу експерти предупредуваат и на т.н. „function creep“ – кога еднаш ќе се воведе систем за скенирање, постои ризик истиот да се користи и за други цели, како што се борба против тероризам, пиратерија или политичка контрола.

Што е вистината?

Во моментов не постои активен закон кој ѝ овозможува на ЕУ да ги скенира пораките на сите граѓани.

Предлогот сè уште се разгледува. Европскиот парламент веќе изгласа ограничување на најекстремните делови од законот и бара заштита на енкрипцијата и приватноста.

Советот на ЕУ е поделен – некои земји како Франција и Шпанија го поддржуваат скенирањето, додека Австрија, Холандија и Полска се против.

Новото гласање во Советот е закажано за 12 септември 2025 година, но дури и да се усвои некоја верзија, предлогот мора да помине во т.н. трилог преговори, каде Европскиот парламент и Советот треба да усогласат заеднички текст.

Дури кога ќе се постигне целосен договор и ќе се изгласа и во двете институции, законот може да стапи на сила.

Сè уште не постои закон кој им дозволува на властите да ги скенираат сите пораки. Сите гласини дека „ЕУ ќе ги чита вашите пораки веднаш“ се невистинити и преувеличени. И ако некоја верзија од законот се усвои, секое скенирање ќе мора да биде таргетирано, временски ограничено и судски одобрено.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни