Првиот број на Трн излезе на 10 април 2023 година со интервјуто на младата и талентирана модна креаторка, Катарина Лука и нејзиниот моден бренд Kali Rose, кој го славеше петиот родендеn со успешна кариера од повеќе од 40 креации за платформата за филмови HBO, за серијалот Titans, a нејзините модни парчиња ги облекуваа голем број музичари и артисти меѓу кои и оние на светски познатиот фестивал Burning man.
Денес Трн слави две години, а Kali Rose седум. Чест ни е што ја имаме повторно на нашиот портал оваа прекрасна млада девојка која во меѓувреме продолжи да го освојува светот на модатат до самите негови врвови. Нејзиниот моден бренд, Kali Rose, деновиве го прослави својот седми роденден со уште еден голем успех. Нејзините модели ќе бидат дел од светската турне на Faithless. Ова е само уште едно од низата признанија на Катарина чии дизајни се препознатливи по својата оригиналност и смелост.

Катарина Лука е родена во Скопје, но нејзиниот животен пат ја води низ светот. Како модерен номад, таа ги комбинира животните искуства од Индија, Шведска и Германија, создавајќи уникатен и глобален поглед на модата. Иако дипломирала на полето на комуникациите и медиумите, нејзината вистинска страст е модниот дизајн. Од мала ја следи својата љубов кон цртањето и дизајнот и нејзината креативност и упорност ја доведоа до врвот на модната сцена.

Во интервјуто, ќе ја откриеме не само нејзината модна визија, туку и инспирацијата што стои зад нејзините уникатни и во светот признати дизајни.

Трн: „Kali Rose“ ќе ги облекува Faithless на нивната голема светска туреја. Како дојде до оваа соработка?
Катарина: Верувам дека сè што ми припаѓа и сè што заслужувам – секогаш ќе го најде патот до мене. Така и се случи – едно утро добив мејл: „Здраво Катарина, ние сме менаџментот на Faithless, Sister Bliss е голем обожавател на твојата работа…“ Мислам дека наредните неколку часа плачев од среќа. Растена сум со нивната музика и јас сум тој фан што со години ја носел нивната енергија во себе а и ја пушта нивната музика, и сега дојде моментот таа енергија да се врати – преку оваа соработка. Да ја носат мојата облека значи да ја носат и мојата приказна, мојот сон. И тоа е нешто што нема цена.

Трн: „Kali Roѕе“ деновиве го слави седмиот роденден. Успеа да создадеш убава успешна приказна водена од желба, храброст и упорност. Како растеше и созреваше „Kali Roѕе“ ?
Катарина: Kali Rose е сон на едно мало дете кое уште на петгодишна возраст почна да црта модели, но низ животот често беше потиснувано и насочувано кон други професии и патеки. Тоа дете, всушност, немаше вистинска зрелост сè до својата триесетта година – кога конечно одлучи да го послуша сопственото срце. Брендот се роди во Индија, каде што тогаш живеев и работев како фотограф. Работев на многу различни настани и едиторијали, но во еден момент повторно се разгоре жарчето во мене – силното чувство дека ова е тоа што навистина го сакам. Да создавам, но не за другите – туку за себе. Името Kali Rose доаѓа од моќната, темна, трансформативна божица Кали – црната божица. Таа симболизира сила, слобода и преродба – сè она што овој бренд го носи во себе.

Трн: Потоа се случи соработката со големите ѕвезди… Како започна приказната со Steve Aoki, Titans и останатите големи имиња од музичката сцена?
Катарина: Мојот сон отсекогаш беше поголем од самите почетоци но и од денешните достигнувања. Вложував сè од себе, и наскоро потоа се случи и првата голема соработка – за музичкиот спот на Steve Aoki, во кој КР беше задолжен за стајлингот на танчерите. Потоа дојде и соработката со HBO, и од таму почнаа да се редат различни искуства, едно по друго. Денес овој бренд е присутен и на големата сцена – од техно настани, концерти, фестивали, па сè до метал бендови и пијанистки. Тоа е убавината на овој бренд – што секој што ќе го препознае својот дух во него, може да го носи со гордост.

Трн: Kaкo би ја опишала Kali Rose со неколку збора?
Катарина: Kali Rose не следи трендови – и Kali Rose не е мода. Таа е начин на изразување, стил што произлегува од внатрешниот карактер на слободната индивидуа. На оние што не припаѓаат во системот кој е создаден за сите да „се вклопат“. Kali Rose отсекогаш постоела со едно јасно мото: „Why fit in when you were born to stand out.“ Затоа што вистинската убавина е токму во различноста и автентичноста.

Трн: Црната боја доминира во креациите на Kali Rose. Кај тебе тоа е боја на моќ, на индивидуалност, софистицираност и едноставност. Како ја доживуваш во твојот спекар на изразување?
Катарина: Црната боја е идентитетот на Kali Rose. За мене, таа е најмоќната боја кога станува збор за стил и лично изразување. Таа е мојата комфорт зона – боја во која се чувствувам сигурно, самоуверено и најавтентично. Во неа сум токму тоа што сум – јас. Да не ѝ беа залепени сите тие негативни конотации, црната боја би можеле да ја видиме во нејзината вистинска суштина – како симбол на сила, мистерија и моќ. А во исто време, таа е и елегантна и едноставна. Сè зависи од тоа како сакаме да се претставиме во неа, и каква порака сакаме да пренесеме.

Трн: Те гледаме често и на настапи со Mousai, спој на убава женска енергија. Силни, моќни и прекрасни жени. Колку ти се инспирација за музиката која ја работиш?
Катарина: Мусаи е колектив на четири женски диџеи кои имаат визија за создавање на некаков простор каде што на оваа техносцена би доминирала и некаква женска енергија. Ние постоиме три години i во првите две години носевме исклучиво женски артисти и диџеи. Да се биде дел од овој колектив ми ја покажува моќта на здружување, на empowerment, на идеи и на целата енергија што ние ја креираме на подиумот, дали е тоа низ нашата музика, низ нашето присуство или едноставно целиот тој простор како медиум на некакво движење и лајфстајл.
Трн: Што те води напред постојано?
Катарина: Ме води желбата за слобода – слобода да создадам, да патувам, да истражувам нови светови и идеи. Таа истата желба ми дава енергија за креирање и постојано напредување. Ме инспирира секој фидбек што го добивам денес, седум години подоцна, од клиентите кои не само што ја носат мојата облека, туку и се пронаоѓаат во неа. Кога гледам како мојата приказна ги допира и ги инспирира, знам дека сум на вистинскиот пат. За мене, најголемата награда е да го видам тој процес на поврзување – кога луѓето се идентификуваат со она што го создавам и го носат како дел од својата личност.

Трн: Која е пораката која би ја испратила на сите млади девојки со големи абиции и соништа?
Никогаш не е доцна за остварување на својот сон и сето тоа да стане реалност водејќи се и од големите примери на модната сцена, чим Lagerfeld, Chanel и Armani без соодветна диплома или јака финансиска позадина можеле да го направат тоа, нека биде инспирација за сите нас со тоа што го имаме да го направиме најдоброто. Тоа покажува дека со посветеност, храброст и работа, сè е можно. Исто така, се надевам дека и мојата приказна ќе ве допре и ќе ве охрабри да верувате во себе – затоа што кога ќе го следите срцето, животот знае како да ве однесе таму каде што припаѓате.