Компанијата Meta, сопственик на социјалната мрежа, потврди дека спроведува „ограничено тестирање“, во рамки на кое корисниците без платена претплата Meta Verified ќе можат да објават најмногу два надворешни линка месечно. Ова го објави британскиот весник The Guardian.
Тестирањето, според достапните информации, опфаќа дел од Facebook страниците и профилите што користат т.н. „професионален режим“, наменет првенствено за креатори на содржини кои сакаат да ги монетизираат своите објави. Иако медиумските организации засега не се директно вклучени, мерката би можела сериозно да ги погоди, бидејќи би се ограничила можноста читателите да споделуваат новинарски содржини.
Издавачите веќе се соочија со значителен пад на онлајн сообраќајот по одлуката на Meta во 2023 година да го намали приоритетот на вестите и да се фокусира на видеа и кратка, вирална содржина. Иако сообраќајот од Facebook кон информативни портали оваа година делумно се опорави, некои мерења покажуваат дека во 2024 година паднал и до 50 проценти на годишно ниво.
Најновото тестирање е дел од стратегијата на Meta да ги поттикне корисниците да се претплатат на услугата Meta Verified, чија цена се движи од околу 12 евра до речиси 500 евра месечно по профил, зависно од нивото на услугата. Претплатата нуди дополнителни функционалности, потврдена значка и повисоко ниво на безбедност.
На споделени слики од екранот, Facebook предупредува дека од 16 декември одредени профили без Meta Verified ќе бидат ограничени на две органски, односно бесплатни објави со линкови месечно, со повик да се претплатат за да можат да споделуваат повеќе поврзници.
Основачот на медиумската консултантска компанија DJB Strategies, Дејвид Батл, оценува дека Meta „со години намерно се повлекува од вестите“. Според него, по укинувањето на плаќањата кон издавачите и целосното блокирање на линкови кон вести во Канада како одговор на регулативата, јасно е дека вестите повеќе не се стратешки приоритет за компанијата.
„Овој најнов експеримент, кој засега ги исклучува издавачите, дополнително го нагласува преминот од бесплатна дистрибуција кон монетизација на досегот, додека Meta се обидува да извлече повеќе вредност од своите постоечки платформи“, изјави Батл, додавајќи дека тоа може да биде поврзано и со скапите и неуспешни инвестиции во метаверзумот, додека фокусот сега се префрла кон вештачката интелигенција.
Портпарол на Meta соопшти дека станува збор за ограничено тестирање чија цел е да се утврди дали можноста за објавување поголем број линкови носи дополнителна вредност за претплатниците на Meta Verified.
Во јануари Meta најави и поперсонализиран пристап кон политичката содржина, што, според анализите на Press Gazette и Similarweb, доведе до повторно зголемување на видливоста на вестите. Меѓу најголемите добитници бил британскиот Express, чиј сообраќај од Facebook пораснал за 26 проценти на годишно ниво, при што во март оваа социјална мрежа учествувала со дури 75 проценти од неговиот вкупен сообраќај од социјални медиуми.
Извор: Index.hr
