Таа израсна во симбол на дискографијата на овие простори, место каде што легендарни изведувачи ги снимале своите плочи, касети и ЦД-а, од забавна и народна музика, преку поп и рок, до џез и класика.
Во богатиот каталог на Croatia Records, поранешен Југотон, се застапени речиси сите значајни хрватски и поранешнојугословенски музичари, а денес тие изданија се достапни и на бројни стриминг-платформи.
Од првите плочи до државна дискографска куќа
Корените на Југотон водат од 1926 година, кога била основана првата хрватска фабрика за грамофонски плочи „Edison Bell Penkala“, како и од компанијата „Електротон“, регистрирана во Загреб во 1938 година. По Втората светска војна, „Електротон“ бил национализиран, а на 10 јули 1947 година, Радио-комитетот на Владата на ФНРЈ го основал Југотон, кој ја наследил имотната и техничката основа на претходните компании.
Истата година била објавена и првата плоча, сингл со каталошки број J-1001, со две далматински композиции: „Ti tvoji zubići“ и „Jedan mali brodić“, во изведба на Zagreb Male Quintet. Покрај плочите, Југотон во тој период произведувал и галантерија и козметичка амбалажа.
Во првата година од работењето биле произведени 33 илјади плочи, а од 1956 започнало издавањето на винил-плочи какви што ги познаваме денес. Тогаш е објавена и првата оло-плоча на забавна музика „Pjeva vam Ivo Robić“. До крајот на 1950-тите и почетокот на 1960-тите, производството достигнало милионски тиражи.

Златното доба на дискографијата
Вистинскиот подем започнал во 1960-тите години, со подобрувањето на грамофоните и преминот од сингл-плочи кон LP-изданија. Во 1963 година започнала со работа новата фабрика на Југотон во Дубрава, на површина од 35.000 квадратни метри. Во тоа време компанијата произведувала повеќе од 16 милиони плочи годишно и ја вовела стерео-техниката.
Од почетокот на 1960-тите до крајот на 1980-тите, Југотон објавувал лиценцни изданија на светски ѕвезди, но и најзначајните домашни автори. Тука се снимени и издадени албумите што денес имаат култен статус, од Бијело дугме, Азра, Идоли, Хаустор и Електрични оргазам, до Иво Робиќ, Арсен Дедиќ и Мишо Ковач.

Компанијата склучила и први лиценцни договори со светски дискографски куќи како RCA, Polydor и Decca, објавувајќи изданија на Елвис Присли, Битлси, Ролинг Стоунс, а подоцна и на Мадона, U2, Дејвид Боуви, Квин, Пинк Флојд и многу други. Првиот домашен рок-албум на винил, „Naši dani“ на групата 220, бил објавен во ноември 1968 година.

Рекордни тиражи и популарна култура
Златното доба на Југотон, според музичките уредници и историчари, било од крајот на 1970-тите до крајот на 1980-тите години. Во тој период продажбата на плочи и касети достигнала рекордни бројки – само меѓу 1983 и 1984 година биле продадени околу 20 милиони носачи на звук во Југославија.
Еден од најпродаваните албуми бил „Bio sam naivan“ на Данијел Поповиќ од 1982 година, кој во вкупна бројка достигнал околу еден милион продадени примероци на различни формати. Во тоа време, Југотон имал повеќе од половина од вкупниот дискографски пазар.

Од Југотон до Croatia Records
По демократските промени и распадот на Југославија, компанијата во 1991 година го променила името во Croatia Records. И покрај војната и економските турбуленции, таа успеала да го зачува континуитетот и ширината на каталогот од детски изданија до класична музика.
Од 1996 година започнала систематска дигитализација на обемната фонтека со повеќе од 90.000 фонограми. Денес Croatia Records годишно објавува околу 2.000 албуми и компилации, а нејзините изданија се присутни и преку телевизиски канали и физички продавници во неколку градови во регионот.
Југотон, денешен Croatia Records, остана најзначајната дискографска куќа во регионот фабрика на популарна култура која, за разлика од многу други индустриски гиганти, преживеа и остана симбол на едно музичко време што и денес трае.
Извор: Index.hr
