Танцовата претстава „F_AI_LLE“ на групата K.Danse вечерва во 20 часот ќе се изведе во Македонскиот народен театар, во организација на Францускиот институт во Скопје и фестивалот Танц Фест.
Претставата „F_AI_LLE“ го истражува односот и дијалогот помеѓу човечкото тело и вештачката интелигенција, користејќи нови технологии на сцената. Со помош на сензори кои го читаат движењето на танчерите во реално време, се создаваат аудио-визуелни форми кои постојано се менуваат и ја трансформираат сцената во динамична дигитална средина.
Овој перформанс ги спојува современиот танц и дигиталната уметност, создавајќи уникатно искуство за публиката. Настанот се одржува како пред-отворање на овогодинешното издание на фестивалот Танц Фест.
Организаторите ги повикуваат љубителите на танцот и современата уметност да не ја пропуштат оваа претстава која ги поврзува уметноста, технологијата и сценскиот израз.
За повеќе информации околу билетите, посетителите можат да се обратат до Францускиот институт во Скопје или до фестивалот Танц Фест.