Како што пренесува Blic, оваа култна локација ќе биде домаќин на целосно нов фестивал во организација на EXIT, во соработка со престижната глобална продукциска куќа Venture Lifestyle, позната по спектакли пред историски локации на Блискиот Исток.
Иако на платото пред пирамидите досега се одржале поединечни концерти со имиња како Џенифер Лопез, Џон Леџенд и Black Eyed Peas, EXIT ќе биде првиот фестивал во светот што ќе се одржи токму на оваа локација. Venture Lifestyle, преку својот бренд P+US, претходно организираше незаборавни настапи на Карл Кокс, Адриатике, а наскоро и на Тиесто, Соломун и Анима.
Од EXIT официјално потврдија дека договорот со египетска компанија е веќе потпишан, а дека комплетната презентација на новиот фестивал ќе се одржи по завршувањето на 25-годишниот јубилеј на EXIT, кој започнува утре во Нови Сад и ќе трае до 13 јули.
На овогодинешното издание ќе настапат некои од најголемите светски музички ѕвезди, меѓу кои The Prodigy, Tiesto, Eric Prydz, Solomun, Amelie Lens, Nina Kraviz, Sara Landry, Hot Since 82, и многу други – симболично најавувајќи го новиот глобален правец на фестивалот.
EXIT пред пирамидите е повеќе од музички настан – тоа е чекор кон нова ера, каде што фестивалот станува глобален симбол на културна поврзаност, историја и современа уметност.