Exit отвара ново поглавје: од Србија се сели во Црна Гора

По најавата дека годинава нема да се одржи во Србија, Exit соопшти дека Црна Гора ќе биде една од главните дестинации на фестивалот ова лето, со два големи музички настани и дополнителни програми низ земјата.

Exit Festival отвора ново поглавје надвор од Србија, а Црна Гора ќе биде една од неговите клучни летни дестинации. Организаторите соопштија дека, по одлуката фестивалот оваа година да не се одржи во Србија, во Црна Гора ќе се реализира проектот „Exit 2 Montenegro“, кој предвидува два големи музички настани, како и низа помали програми низ целата земја.

Според соопштението, проектот се реализира во рамки на договор со Владата на Црна Гора за развој на фестивалскиот туризам и креативните индустрии. Настаните треба да се одржат во првата половина на јули и кон крајот на август, а точните датуми и локации засега не се објавени. Организаторите проценуваат дека вкупната посетеност би можела да надмине 200.000 луѓе, додека економскиот ефект врз туризмот во Црна Гора би можел да надмине 40 милиони евра.

Во соопштението се наведува и дека, по повлекувањето од Србија, Exit подготвува поширока меѓународна експанзија, со настани на повеќе светски дестинации, меѓу нив Гиза, Умаг и Малта. Сепак, организаторите јасно посочуваат дека најголемите случувања ќе бидат токму во Црна Гора.

Exit со години важи за еден од најпрепознатливите европски музички фестивали, а во соопштението се потсетува и на неговото големо туристичко и промотивно влијание во регионот. Токму затоа преселбата на дел од фестивалската енергија во Црна Гора не е само музичка вест, туку и сигнал за ново редефинирање на еден од најсилните културни брендови што израснаа на Балканот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни