Евровизија пред судбоносна одлука: Ќе остане ли Израел дел од натпреварот?

Евровизискиот спектакл, што со децении се претставува како празник на музиката и единството, денес се соочува со една од своите најдлабоки кризи.

Во Женева, на клучниот состанок на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), земјите-учеснички треба да решат дали Израел ќе продолжи да учествува во натпреварот, во очи на растечки политички тензии и предупредувања дека иднината на натпреварот е доведена во прашање.

Протести, обвинувања и политичка драма што ја следат Евровизија во последните две години го доведоа натпреварот на работ. По масовните демонстрации против израелската воена операција во Газа и поради обидите на активисти да го нарушат финалето во Базел, вклучувајќи го и нападот врз израелскиот претставник Јувал Рафел, кој заврши втор, многу земји побараа од ЕБУ конечно да преземе став.

Еден дел од обвиненијата се однесуваат на наводно недозволено влијание врз гласањето. Според неколку европски делегации, израелската влада спровела обемна и платена кампања за мобилизирање гласачи ширум Европа. Израел не реагираше директно на тврдењата, но често истакнува дека е цел на „глобална клеветничка кампања“.

Во обид да ја зачува довербата, ЕБУ неодамна ги зајакна правилата за гласање: ограничување на бројот на гласови по гледач, засилени проверки против координирано гласање и предупредување дека државите не смеат да водат „непропорционални промотивни кампањи“. Иако Израел не беше именуван, новите правила јасно се сметаат за реакција на скандалот.

Но, земјите како Ирска, Шпанија, Словенија и Холандија предупредуваат дека ќе бојкотираат ако Израел остане во натпреварот. Словенечкиот јавен сервис веќе јасно соопшти: „Понекогаш мора да бидеме на правата страна на историјата.“ Шпанија, една од „Големата петорка“, оди чекор подалеку, ја нарече израелската употреба на Евровизија „политичка злоупотреба“ и предупреди дека нема да учествува доколку Израел се натпреварува.

Од другата страна, Германија најави дека ќе се повлече доколку Израел биде исклучен, што ја усложнува состојбата и го дели континентот на два спротивставени табора.

Во меѓувреме, Австрија, домаќин на Евровизија 2026 по победата на JJ, испраќа сигнал дека ја поддржува учеството на Израел. Директорот на австрискиот јавен сервис дури отпатува во Тел Авив на средби со израелски претставници и претседателот Исак Херцог, изјавувајќи: „Израел е нераскинлив дел од Евровизија.“

Одлуката што ќе се донесе во Женева се смета за пресвртница: ако ЕБУ процени дека новите правила за гласање се доволни, Израел ќе продолжи да учествува. Ако земјите-членки не бидат убедени, ќе се гласа за неговата иднина, резултат што би можел да предизвика масовни повлекувања и потенцијално да ја наруши структурата на натпреварот каква што ја познаваме.

Во пресрет на состанокот, израелскиот јавен сервис KAN соопшти дека продолжува со подготовките за Виена 2026, уверувајќи дека целосно ги почитува правилата на ЕБУ. Но, меѓу европските делегации доминира чувството дека Евровизија се наоѓа на историски крстопат.

Како ќе изгледа Евровизија по оваа одлука, дали како симбол на единство или како жртва на политичките поделби, останува да се види.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни