Тоа значи дека нема да се забранува истакнување на палестински знамиња, ниту пак ќе се прикриваат реакции од публиката, вклучително и исвиркувања, како што беше пракса на некои претходни изданија.
Натпреварот, кој во мај ќе го одбележи своето 70-то издание, ќе има само 35 учесници најмал број од 2003 година наваму откако пет национални радиодифузери, меѓу кои и оние од Шпанија, Ирска и Холандија, најавија бојкот во знак на протест против учеството на Израел, пренесува Ројтерс.
Извршниот продуцент на Евровизија 2026, Мајкл Крон, на прес-конференција во организација на ORF изјави дека ќе бидат дозволени сите официјални знамиња што постојат во светот, сè додека се почитуваат законските прописи и правилата на натпреварот, особено во однос на големината и безбедносните ризици.
„Нема да разубавуваме ништо, ниту ќе се обидуваме да ја сокриеме реалната состојба. Нашата задача е да ја прикажеме стварноста таква каква што е“, истакна Крон.
Директорката на програмата на ORF, Стефани Гројс-Хоровиц, додаде дека австрискиот радиодифузер нема да ги прикрива негативните реакции од публиката за време на настапите, како што се случи годинава за време на изведбата на Израел. „Нема да дозволиме вештачки аплауз“, рече таа.
Израелскиот претставник на Евровизија 2025, Јувал Рафаел, претходно присуствувал на музичкиот фестивал „Нова“, кој беше цел на нападите предводени од Хамас. Во меѓувреме, директорот на израелската јавна радиодифузна мрежа КАН ги оцени обидите за исклучување на Израел од натпреварот во 2026 година како форма на „културен бојкот“.
ORF и австриската влада остануваат меѓу најгласните поддржувачи на учеството на Израел, и покрај противењето од земји како Исланд и Словенија, кои исто така најавија бојкот. Генералниот директор на ORF, Роланд Вајсман, во ноември го посети Израел за да изрази поддршка.
Според податоците на Европската радиодифузна унија, овогодинешното издание на Евровизија било следено од околу 166 милиони гледачи ширум светот.
Извор: Независен
