Според најновиот извештај од Европскиот проект за истражување на алкохол и други дроги кај ученици (ESPAD), тинејџерите ширум Европа сѐ помалку се свртуваат кон алкохол и нелегални дроги, но забележливо е зголемување на употребата на е-цигари (вапирање). Истражувањето опфати речиси 114.000 ученици на возраст од 15 и 16 години од 37 европски земји, следејќи ги нивните навики во последните 30 години.
Употребата на традиционални цигари бележи пад од 1990-тите, но истовремено 44% од учениците имаат пробано е-цигари, а 22% вајпираат редовно, што е значителен пораст во споредба со 14% пред пет години. Најголем дел од младите пријавуваат дека ваквите производи се лесно достапни, што отвора загриженост за нивната паралелна употреба со класични цигари и ширењето на алтернативни никотински производи.

Иако алкохолот станува помалку популарен, тој останува присутен – околу три четвртини од учениците имаат пробано алкохол, а една третина првпат пиеле на возраст од 13 години или помалку. Бинџ-пиењето е во опаѓање, но се задржува како сериозен проблем во некои земји: највисоки стапки имаат Данска (55%), Германија (49%) и Австрија (48%).
Кога станува збор канабисот , 12% од учениците го пробале, што претставува најниско ниво од 1995 година. Употребата на други дроги како кокаин, екстази, ЛСД и амфетамини се движи околу 2%. Забележително е и зголемувањето на злоупотребата на лекови без медицинска потреба – 8.5% од учениците пробале смирувачи или седативи, а 6.9% земале аналгетици како „дрога“.
Покрај супстанциите, извештајот ги анализира и дигиталните навики на младите. Четири од пет тинејџери играат видео игри најмалку еднаш месечно, а учеството на девојчињата во гејмингот е тројно зголемено од 2015 година, достигнувајќи 71%. Проблематичната употреба на социјалните мрежи е пријавена кај речиси половина од испитаниците, со пораст кај двата пола, но особено изразен кај момчињата.

Коцкањето, пак, и понатаму претставува стабилен ризик. Речиси една четвртина од тинејџерите коцкале за пари во последната година, вклучително и обложување, играње автомати и лотарии. Од нив, 65% го прават тоа онлајн. Највисока застапеност на коцкање е забележана во Италија (45%), а најниска во Грузија (9.5%).
Иако многу земји донесоа построги регулативи во врска со коцкање, рекламирање на е-цигари и продажба на алкохол, ризиците меѓу младите остануваат значителни и бараат континуирано внимание и прилагодени политики. Извештајот предупредува на потребата од дополнителни мерки за заштита на тинејџерите од новите облици на зависност и проблематични однесувања.