Водечкото европско политичко семејство од левиот центар денес ја исклучи партијата на словачкиот премиер Роберт Фицo, кој е обвинет за зближување со рускиот претседател Владимир Путин, а воедно и за поткопување на владеењето на правото во сопствената земја.
Партијата на европските социјалисти (ПЕС) едногласно гласаше денес за исклучување на партијата на Фицо, СМЕР поради заземање ставови во последните години кои „силно и длабоко се спротивставуваат на вредностите и принципите“ за кои се залага политичкото семејство, изјави генералниот секретар Џакомо Филибек.
„Ова е едногласна, јасна порака. Ако припаѓате на семејството на PES, ги споделувате вредностите што сите ги споделуваме“, рече Филибек по гласањето на конгресот на групата во Амстердам.
Во мај, Фицо беше единствениот лидер на земја од ЕУ што отпатува во Москва за да ја одбележи 80-годишнината од поразот на нацистичка Германија во Втората светска војна, и покрај повиците на ЕУ за бојкот.
Фицо е познат по своите проруски ставови и отворено се спротивставува на политиките на Унијата во врска со Украина.
Исклучувањето на СМЕР од членството доаѓа откако социјалистите го изгубија трпението со Фицо, кој, според нив, им „ласка“ на Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг, и кого го обвинуваат за грубо кршење на владеењето на правото во Словачка.
Членството на СМЕР во PES беше суспендирано во октомври 2023 година, кога партијата формираше влада со националистичката Словачка народна партија.