Европските производители на кафе стравуваат дека би можеле да бидат следните на удар од нови американски царини, што би предизвикало дополнителен раст на цените на овој производ, кои и сега се на историски високо ниво.
Италијанската компанија Illycaffè соопшти дека разгледува можност дел од кафето за американскиот пазар да се пржи директно во САД за да се избегне дополнително поскапување.
– Анализираме дали можеме дел од кафето што го продаваме во САД да го произведуваме таму, изјави извршната директорка Кристина Скочија, додавајќи дека се надева оти нема да мора да се прибегне кон тоа.
– Изградбата на нова производна линија трае две години, па затоа разгледуваме можност за користење на веќе постоечки капацитет , додаде таа, според порталот „Бизнис“.
Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека Европската Унија е подготвена да одговори ако САД воведат нови трговски мерки:
– Европа не ја започна оваа конфронтација. Имаме сè што ни е потребно да го заштитиме нашиот народ и нашата економија, изјави таа.
Поради растечките трговски тензии, не изненадува што некои производители – особено во скапиот сектор на кафе – се обидуваат однапред да се прилагодат. Цената на суровата арабика, основна сорта во мешавините за мелење и пржење, оваа година порасна за повеќе од 20 отсто, откако лани веќе скокна за 70 отсто поради рекордната суша во Бразил – најголемиот светски производител.
Аналитичарите проценуваат дека малопродажната цена на кафето оваа година може да порасне за 25 отсто.
ка