Европските берзи растат

Европските берзи бележат раст на почетокот од клучната недела за централните банки, додека инвеститорите ги очекуваат одлуките за каматните стапки и инфлацијата во Европа.

На почетокот од неделата во која централните банки ќе ја трасираат монетарната политика, акциите на европските берзи го завршија денешното тргување во плус, што не важеше за одбранбениот сектор.

Паневропскиот индекс STOXX 600 го заврши денот со раст од 0,8 отсто, при што повеќето главни регионални берзи и сектори забележаа позитивни резултати, пренесе CNBC.

Индексот на Франкфуртската берза DAX порасна за околу 0,2 отсто, францускиот CAC 40 за 0,7 отсто, а лондонскиот FTSE 100 за 1,1 отсто.

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, изјави дека таа институција најверојатно повторно ќе ги зголеми своите прогнози во декември, откако во септември ја зголеми прогнозата за раст на БДП на 1,2 отсто.

И други централни банки, вклучувајќи ја Банката на Англија, шведската Риксбанка и Норвешката банка, оваа недела ќе ги донесат своите последни одлуки за монетарната политика за годинава.

И покрај одредени неизвесности, се очекува Банката на Англија да ги намали каматните стапки, а податоците за инфлацијата во таа земја и во еврозоната ќе бидат објавени во среда.

Европските лидери, исто така, оваа недела на самитот во Брисел ќе се занимаваат со финансирањето на Украина, вклучувајќи ја и можната употреба на замрзнати руски средства за поддршка на кредити за Киев во износ од 210 милијарди евра.

Кога станува збор за компаниите, пад беше забележан во одбранбената индустрија: Рајнметал загуби 2,6 отсто, Ренк 0,9 отсто, Хензолдт околу 1,0 отсто, а Сааб 0,2 отсто.

Од друга страна, холандската биофармацевтска компанија Аргенкс падна за 3,9 отсто откако ја прекина третата фаза од испитувањето на терапија за болести на тироидната жлезда и очите.

Наспроти тоа, производителот на сладолед Магнум, неодамна издвоен од компанијата Јунивер, го заврши денот со раст на вредноста од 6,6 отсто.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни