Европските берзи повторно во минус поради страв од ескалација на војната на Блискиот Исток

Европските берзи повторно отворија во минус поради стравувања од ескалација на војната на Блискиот Исток и можен долгорочен раст на цените на енергијата. Индексите во Париз, Франкфурт и Лондон бележат пад.

Главните европски берзи денеска отворија со пад, повторно погодени од стравувањата дека војната на Блискиот Исток би можела да предизвика долготрајно зголемување на цените на енергијата, пренесува британската агенција Ројтерс.

На берзата во Париз, индексот CAC 40 падна за 0,66 проценти и изнесува 8.113,52 поени. Во Франкфурт, германскиот DAX бележи пад од 0,57 проценти, додека во Лондон индексот FTSE 100 се намали за 0,30 проценти.

Пад бележат и пошироките европски индекси. EuroStoxx 50 се намали за 0,67 проценти, FTSEurofirst 300 за 0,47 проценти, а Stoxx 600 за 0,45 проценти.

Во меѓувреме, Техеран беше цел на нов бран израелски бомбардирања. Станува збор за шести ден од воената кампања што Соединетите Американски Држави и Израел ја водат против Исламската Република Иран, која пак возврати со ракетни напади врз Израел и други цели во регионот.

Геополитичките тензии најсилно се одразуваат врз цените на нафтата. Тие денеска пораснаа за околу три проценти по краткото смирување во средата, бидејќи производството и транспортот на јаглеводороди и натаму се под притисок поради војната.

Актуелната ситуација има последици и врз пазарот на обврзници. Приносите во еврозоната растат, бидејќи инвеститорите стравуваат дека евентуалното враќање на инфлацијата би можело да доведе до промена на насоката на монетарната политика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни