Европските берзански индекси во пораст, златото над 5.000 долари – во фокус податоците за инфлацијата во еврозоната

Европските берзи се во плус, цената на златото повторно над 5.000 долари, а инвеститорите ги очекуваат најновите податоци за инфлацијата во еврозоната и вработеноста во САД.

Европските берзански индекси денеска забележаа раст, додека цената на златото повторно се искачи над 5.000 долари за тројска унца. Пазарите со зголемено внимание ги очекуваат прелиминарните, т.н. „флеш“ податоци за инфлацијата во еврозоната, кои треба да бидат објавени во 11:00 часот, како и неофицијалните податоци на компанијата ADP за вработеноста во Соединетите Американски Држави, најавени за 14:15 часот.

Индексот DAX на Франкфуртската берза во 9:30 часот порасна за 0,04 отсто, достигнувајќи 24.784,52 поени. Францускиот CAC 40 забележа раст од 0,52 отсто, на 8.222,72 поени, британскиот FTSE 100 порасна за 0,63 отсто, на 10.377,65 поени, додека московскиот индекс MOEX се зголеми за 0,58 отсто, на 2.807,57 поени.

Од друга страна, американските берзански индекси пред денешното отворање на Волстрит се во минус. Dow Jones падна за 0,34 отсто, на 49.240,99 поени, S&P 500 за 0,84 отсто, на 6.917,81 поен, а Nasdaq забележа најголем пад од 1,43 отсто, на 23.299,19 поени.

Фјучерсите за природен гас за испорака во март на европската берза TTF се тргуваа по цена од 33,2 евра за мегават-час.

Според актуелните податоци, цената на суровата нафта порасна на 63,583 долари за барел, додека цената на нафтата Брент достигна 67,536 долари.

Златото се тргуваше по цена од 5.083,05 долари за тројска унца, додека цената на пченицата падна на 5,2827 долари за бушел (еден бушел изнесува 27,216 килограми).

Еврото зајакна во однос на американскиот долар на девизниот пазар Форекс и изнесува 1,18290 долари, што е раст од 0,5 отсто во однос на почетокот на тргувањето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни