Европскиот ревизорски суд оцени: Европското финансирање на невладините организации е нетранспарентно

Европската комисија им доделила 4,8 милијарди евра, а земјите членки 2,6 милијарди евра. Сепак, сигурен преглед на доделените средства не е објавен, па бројките треба да се земат со доза на претпазливост, истакнуваат ревизорите.

Информациите за финансирањето на невладините организации во Европската Унија се непостојани и нецелосни, што резултира со нетранспарентност која го ограничува увидот во нивната улога во креирањето на политиките на Унијата, предупреди Европскиот ревизорски суд во својот извештај.

Од 2021 до 2023 година, невладините организации во секторите кохезија, истражување, миграции и животна средина добиле вкупно 7,4 милијарди евра, утврдиле ревизорите.

Европската комисија им доделила 4,8 милијарди евра, а земјите членки 2,6 милијарди евра.

Сепак, сигурен преглед на доделените средства не е објавен, па бројките треба да се земат со доза на претпазливост, истакнуваат ревизорите.

Информациите се објавуваат „фрагментирано“, што резултира со нетранспарентност, наведуваат во извештајот.

Таквата објава го отежнува анализирањето дали парите се „прекумерно концентрирани“ кај мал број невладини организации, и ја ограничува транспарентноста во однос на нивната улога во обликувањето на политиките на ЕУ.

Ситуацијата е донекаде подобрена во однос на претходниот извештај, но податоците за финансирање на невладините организации со средства од ЕУ, кои се активни во внатрешната политика на Унијата, и понатаму се неточни и нецелосни, заклучува извештајот.

Европската комисија не објавува „соодветни“ информации за одредени активности на застапување интереси што се финансираат од ЕУ, како што е лобирањето.

Земјите членки, пак, не го надгледуваат парите кои ЕУ ги доделила на невладините организации, ниту поднесуваат извештаи за тоа.

Дефиницијата за НВО се разликува од земја до земја, и само во ретки случаи е регулирана со закон, предупредуваат ревизорите. Според дефиницијата на ЕУ од 2024 година, невладините организации се независни од владата и работат на непрофитна основа.

„Оваа дефиниција е чекор во вистинската насока, но сама по себе не е гаранција дека НВО се правилно класифицирани во системот на финансиска транспарентност на ЕУ“, бидејќи Комисијата ги прифаќа нивните само-дефиниции и не ги проверува клучните аспекти од нивниот статус.

Брисел, според ревизорите, треба да проверува дали некоја влада значајно влијае врз невладина организација преку управните тела, како и дали организациите застапуваат комерцијални интереси на земји членки.

„На пример, еден голем истражувачки институт е класифициран како НВО, иако неговото управно тело било составено исклучиво од претставници на владата“.

Не постојат механизми за проверка на изворите на финансирање, кои би овозможиле корисни информации за тоа кој стои зад невладините организации, утврдиле ревизорите, и менаџерите не проверуваат „проактивно“ можни прекршувања на принципот на еднаквост пред законот и човековите права.

„Транспарентноста е клучна за веродостојно учество на НВО во креирањето на политиките на ЕУ“, нагласила членката на ревизорскиот суд Лаима Андикиене.

Граѓаните мора да знаат кому му се доделуваат средствата на ЕУ, за која цел, како се користат и дали примателите ги почитуваат вредностите на ЕУ, се заклучува во извештајот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни