Европскиот парламент започна постапка за усвојување резолуција за Србија

Европскиот парламент ја започна постапката за усвојување на резолуција за Србија под наслов „Бранови на насилство и континуирана употреба на сила врз демонстранти во Србија“, на иницијатива на повеќе политички групи во рамките на Парламентот.

Како што се наведува на официјалната страница на Европскиот парламент за законодавни постапки, темата ќе биде разгледана на првата есенска седница закажана за 8 септември.

Резолуцијата е класифицирана како РСП (резолуција за актуелни теми), што значи дека се однесува на итни политички, демократски или безбедносни прашања што бараат реакција од страна на Парламентот. Во овој случај, се однесува на настаните за време и по повеќемесечните протести во Србија, особено на извештаите за прекумерна употреба на сила врз демонстрантите, меѓу кои имало и студенти и малолетници.

Очекувањата се Европскиот парламент да донесе политичка оценка на ситуацијата, која може да вклучува повик до европските институции и земјите членки за понатамошна акција или препораки.

Насловот на нацрт-резолуцијата е познат, но нејзината содржина сè уште не е објавена.

Ова е четврти пат од почетокот на протестите Европскиот парламент да расправа за ситуацијата во Србија. Во декември 2024 се одржа пленарна дебата за политичката криза во земјата, со фокус на студентските протести и реакцијата на властите по трагедијата во Нови Сад, но без посебна резолуција.

Во февруари годинава, Парламентот усвои резолуција за нерегуларностите на декемвриските избори, со критики за злоупотреба на избирачките списоци, фантомски гласачи, притисоци врз опозицијата и нефер медиумски услови, барајќи независна меѓународна истрага и предупредувајќи за можни санкции.

Во мај беше усвоена резолуција како реакција на годишниот извештај на Европската комисија за Србија, во која беше истакнат ограничен напредок во евроинтеграциите и беа посочени проблемите со владеењето на правото, слободата на медиумите и независноста на институциите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни