Европскиот парламент објави нацрт-извештај: ЕУ повторно ја става стратегијата за проширување на врвот на агендата

Европскиот парламент објави нацрт-извештај за стратегијата за проширување на ЕУ, со нови критериуми, механизми за следење и подготовка за прием на нови членки

Европскиот парламент денеска го објави нацрт-извештајот за стратегијата за проширување на Европската Унија, претставен на состанокот на Комитетот за надворешни работи (AFET). Извештајот ги опфаќа сите земји-кандидатки и потенцијални кандидатки – Западен Балкан, Украина, Молдавија, Грузија и Турција – и поставува јасни критериуми, нови механизми за следење и политичка порака дека проширувањето е повторно приоритет на ЕУ.

Европскиот парламент истакнува дека проширувањето е клучно за стабилноста на континентот, особено поради војната во Украина и растот на странското влијание. Секоја земја ќе напредува според исполнувањето на критериумите за реформи, а новините во документот вклучуваат можност за замрзнување на преговорите при застој во владеењето на правото, формирање посебна група за мониторинг на демократијата и медиумските слободи и јасни рокови за видлив напредок.

ЕУ се подготвува и за прием на нови членки, со предлог за воведување на квалификувано мнозинство при донесување одлуки за меѓу-чекорите во преговорите, додека отворањето и затворањето на поглавјата ќе остане на консензус. Дополнително, земјите-кандидатки би можеле да бидат подлабоко интегрирани во политики на ЕУ, како внатрешниот пазар, енергијата, инфраструктурата и безбедноста, дури и пред формалното пристапување.

Извештајот ја нагласува и заканата од дезинформации, пред сè од Русија, со проширување на механизмот за демократска заштита („European Democracy Shield“) на земјите-кандидатки.

Пратениците потенцираат дека проширувањето мора да се базира на заслуги, а реформите треба да бидат непрекинати и неповратни. Еден од клучните предлози е елиминирање на правило на едногласност за секој поединечен чекор, со цел да се избегне застој и фрустрација кај земјите-кандидатки кои понекогаш чекаат и 20 години за почеток на преговорите.

Рокот за поднесување амандмани е 25 ноември, нова дебата во AFET е закажана за 15 јануари, а гласањето на пленарната седница на Парламентот на ЕУ се очекува во февруари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни