Лидерите на Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија, Обединетото Кралство и Данска денеска издадоа заедничко соопштение во врска со статусот на Гренланд, во кое јасно се наведува дека арктичката територија ѝ припаѓа на Данска.
„На Данска и на Гренланд – и исклучиво на нив – им припаѓа правото да одлучуваат за прашањата што се однесуваат на Данска и Гренланд“, се наведува во соопштението на европските лидери, пренесува британскиот весник Гардијан.
Во заедничката изјава се нагласува и дека европските земји, заедно со други сојузници, во изминатиот период го зголемиле своето присуство, активностите и инвестициите во арктичкиот регион.
Целта, како што се наведува, е да се зајакне безбедноста на Арктикот и да се одвратат потенцијални закани и противници, во услови на зголемена геополитичка чувствителност и стратешко значење на регионот.
