Европски градови каде што туристите се чувствуваат целосно безбедно: Еден од Балканот е на врвот на листата

Нова анализа открива шест европски градови каде што туристите можат да уживаат во знаменитостите и ноќниот живот без да се плашат за сопствената безбедност.

Безбедноста е еден од најважните критериуми што патниците ги земаат предвид при планирањето патување. Според најновото истражување на туроператорот Ривиера Травел, Дубровник го зазеде првото место на листата на најбезбедни градови во Европа.

Податоците се дел од Индексот на најбезбедни дестинации, кој ги рангира градовите врз основа на моменталните нивоа на криминал, промените во стапките на криминал во текот на изминатите пет години, јавната перцепција за безбедноста, како и инфраструктурните фактори како што се уличното осветлување и брзиот пристап до службите за итни случаи, според Euronews Travel.

Дубровник, Хрватска

Овој „Бисер на Јадранот“ е на врвот на листата благодарение на екстремно ниските стапки на криминал и ефикасните јавни услуги. Посетителите го паметат не само по прекрасните градски ѕидини и стариот град, туку и по фактот дека се чувствуваат безбедно дури и доцна во ноќта. Иако градот привлекува голем број туристи и има жива ноќна сцена, насилните инциденти се ретки, а локалното население негува топол и гостопримлив став кон гостите.

Талин, Естонија

На второ место е живописниот Талин, кој ја комбинира средновековната архитектура со модерните безбедносни системи. Неговиот стар град, под заштита на УНЕСКО, потсетува на бајковити сцени, додека специјалните услуги како што се такси „Жени за жени“ нудат дополнително чувство на безбедност.

Ниската стапка на криминал и довербата на граѓаните во полицијата го прават Талин едно од најпријатните изненадувања во Северна Европа.

Варшава, Полска

Главниот град на Полска помина низ значителна модернизација, а денес се издвојува по своите добро осветлени улици, развиен јавен превоз и видливото присуство на полицијата, особено во централните области. Стабилната економија, ниската невработеност и постојано ниското ниво на криминал придонесуваат за чувство на безбедност за сите што го посетуваат.

Прага, Чешка

„Градот на сто кули“ импресионира не само со својата архитектура, туку и со својата безбедност. Полицијата активно патролира во туристичките области, а видео надзорот го намалува бројот на ситни кражби. Посетителите се движат без страв дури и ноќе, додека жителите ја негуваат традицијата на гостопримство.

Краков, Полска

Вториот полски град на листата, Краков, е познат по својот историски центар и богата културна понуда. Градот инвестира многу во безбедноста, од полициски патроли во стариот дел на градот, преку ноќни автобуси, до малиот број насилни инциденти, што го прави привлечен и за семејни патувања.

Амстердам, Холандија

Градот на слободниот дух и разновидната културна сцена успешно го одржува својот статус на еден од најбезбедните европски центри. Граѓаните имаат голема доверба во полицијата, а добро организираната инфраструктура и силните социјални врски создаваат чувство на безбедност.

Иако овие градови се водечки во однос на безбедноста, експертите им советуваат на патниците секогаш да преземат основни мерки на претпазливост, особено во прометните туристички области, каде што ситните кражби се сè уште можни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни