Европски гиганти бараат подобри услови за да го зголемат инвестирањето за 50%

Скоро триесет големи европски компании објавија дека до 2030 година се подготвени да ги зголемат своите инвестиции во Европа за просечно 50%, но само ако Европската унија обезбеди подобро регулаторно и финансиско опкружување што ќе ја поддржи конкурентноста и иновациите.

Во заедничката декларација, усвоена на „Копенхашкиот самит за конкурентност“, тие побараа поедноставени правила за известување, посилни инвестициони рамки, подобра инфраструктура, фер зелена транзиција и мерки за јакнење на безбедноста.

Меѓу компаниите што ја потпишаа изјавата се Airbus, SAP, Siemens, Thyssenkrupp, Novo Nordisk, Thales, Saab, Carlsberg и Maersk. Тие заедно остваруваат приходи од околу 700 милијарди евра.

„Ако сите големи европски компании го зголемат вложувањето за 50%, недостигот во потребните инвестиции за конкурентност би можел да се надомести до 2030 година,“ се наведува во документот, кој беше претставен пред претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, францускиот претседател Емануел Макрон, полскиот премиер Доналд Туск и данската премиерка Мете Фредериксен.

Поранешниот претседател на Европската централна банка Марио Драги претходно оцени дека на ЕУ ѝ се потребни дополнителни до 800 милијарди евра инвестиции годишно до 2030 година за да ја подобри продуктивноста и да излезе од долгогодишната стагнација.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни