Европската филмска академија годинава јасно го испрати својот сигнал: европското кино е во полна креативна сила, а неговото срце чука најгласно преку интимни, лични и политички ангажирани приказни. На 38. доделување на Европските филмски награди, одржано во Берлин, големиот триумф му припадна на норвешкиот режисер Јоаким Трир и неговата емотивна семејна драма Sentimental Value, филм што ја одбележа вечерта со дури шест освоени награди.
Sentimental Value ја освои главната награда за Најдобар европски филм, оставајќи зад себе силна конкуренција од 14 наслови, меѓу кои и добитникот на Златната палма на Кан, It Was Just An Accident на Џафар Панахи, постапокалиптичната визија Sirāt на Оливер Лакс и впечатливиот дебитантски филм Sound of Falling на Машa Шилински.
Јоаким Трир беше награден и за Најдобра режија, а заедно со својот долгогодишен соработник Ескил Вогт ја доби и наградата за Најдобро сценарио. Филмот беше награден и за Најдобра музика, компонирана од Ханија Рани, чиј минималистички пристап совршено ја надополнува емоционалната тишина и напнатост на приказната.
Актерските награди исто така завршија во рацете на екипата на Sentimental Value. Ренате Реинсве ја освои наградата за Најдобра европска актерка, дополнително зацврстувајќи го својот статус како една од најмагнетичните актерки на современото европско кино. Нејзината креативна врска со Трир, започната со The Worst Person in the World, повторно се покажа како добитна комбинација. Стејлан Скарсгард, пак, ја доби наградата за Најдобар европски актер за улогата на отсутен татко, со краток, но емотивен говор кој ја освои публиката.
Иако доминацијата на еден филм не е новост за Европските филмски награди, оваа година малкумина се пожалија. Sentimental Value важи за еден од највпечатливите филмови на годината, и покрај повторените повици дека системот на наградување би можел да отвори повеќе простор за разновидност.
„Sirаt“ – техничка и визуелна сила
Вториот голем победник на вечерта беше Sirāt на шпанскиот режисер Оливер Лакс, кој освои пет награди, главно во техничките категории. Филмот беше награден за сценографија, звук, монтажа, камера и кастинг, потврдувајќи ја својата статус на визуелно и звучно хипнотизирачко кино-искуство.
Хрватскиот „Fiume o Morte!“ најдобар европски документарец
Во категоријата за најдобар европски документарен филм, победата ја однесе Fiume o Morte!, остварување што со храбар и истражувачки пристап ја преиспитува историјата и нејзините митови. Филмот се истакна меѓу силна конкуренција благодарение на својата јасна авторска визија и способноста архивскиот материјал да го претвори во жив, актуелен коментар за политиката, идентитетот и колективната меморија, потврдувајќи ја важната улога на документарното кино во современа Европа
Изненадувања и разочарувања
Меѓу најголемите изненадувања на вечерта беше целосното игнорирање на филмот It Was Just An Accident на Џафар Панахи, кој, и покрај високите очекувања, си замина без ниту една награда. Sound of Falling освои само награда за костимографија, додека новиот филм на Јоргос Лантимос, Bugonia, беше награден исклучиво за шминка и фризура.
Политички наелектризирана церемонија
Церемонијата, водена со елегантна сериозност и љубов кон филмската уметност, беше силно обележана од политички пораки. Џафар Панахи, претставен како „еден од најголемите живи режисери“, ја отвори вечерта со моќен говор за состојбата во Иран и опасностите од нормализирање на насилството и цензурата.
Многу од добитниците ја изразија својата солидарност со иранскиот народ, но и со другите глобални кризи, потсетувајќи дека европското кино не бега од реалноста, туку директно се соочува со неа.
Почит кон легендите и поглед кон иднината
Еден од најемотивните моменти беше доделувањето на Наградата за животно дело на норвешката актерска легенда Лив Улман. Во својот говор, таа потсети дека иако светот е сè понесигурен, филмот останува уметност која ни помага да разбереме зошто се плашиме – и како да продолжиме понатаму.
Одржувањето на наградите во јануари, во срцето на меѓународната наградна сезона, дополнително ја зајакна позицијата на Европските филмски награди како вистински европски еквивалент на Оскарите. Со сè поголемото присуство на неанглиски филмови во американските награди, европското кино конечно го добива вниманието што одамна го заслужува.
Ако судиме според оваа година, Европа нема од што да му завидува на Холивуд. А Sentimental Value – веќе со полни раце признанија – сигурно влегува во трката за Оскарите со самодоверба и заслужен оптимизам.