Европски држави остро го осудија потегот на Израел: „Веднаш поништете ја одлуката“

Повеќе од десетина држави, претежно од Европа, остро ја критикуваа одлуката на Израел за одобрување изградба на 19 нови населби на окупираниот Западен Брег и побараа таа итно да биде поништена.

Во заедничката реакција се вклучени Германија, Белгија, Канада, Данска, Франција, Италија, Исланд, Ирска, Јапонија, Малта, Холандија, Норвешка, Шпанија и Обединето Кралство.

Во заедничката изјава, објавена на веб-страницата на германското Министерство за надворешни работи, се наведува дека израелските постапки „не само што го кршат меѓународното право, туку и ризикуваат дополнително поттикнување на нестабилноста“ во регионот.

Државите предупредуваат дека одобрувањето на новите населби може сериозно да го поткопа мировниот процес и да ѝ наштети на можноста за долгорочен мир и безбедност, вклучително и на напорите поврзани со Газа и поширокиот регионален контекст.

Израел неодамна даде зелено светло за формирање 19 нови населби на Западниот Брег, територија што ја контролира од 1967 година, заедно со Источен Ерусалим. Денес таму живеат повеќе од 700.000 израелски доселеници меѓу околу три милиони Палестинци.

Според ставот на Обединети нации, израелските населби се нелегални според меѓународното право и претставуваат една од главните пречки за постигнување трајно мировно решение. ОН оценуваат дека континуираното проширување на населбите го намалува просторот за евентуално решение со две држави, кое би овозможило мирно коегзистирање на Израел и независна палестинска држава.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни