Европските демократи во одбрана на професорката Клеут: „Ако молчиме, репресијата ќе стане рутина“

Меѓународни реакции по одлуката на Сенатот на Универзитетот во Нови Сад да ја одбие професорката Јелена Клеут за избор во највисокото академско звање.

Европската демократска партија остро реагираше на одлуката на Сенатот на Универзитетот во Нови Сад, кој на 20 ноември ја одби кандидатурата на професорката Јелена Клеут за избор во звање редовна професорка. Тие ја оценија одлуката како „очигледен чин на политичка одмазда“, истакнувајќи дека Клеут е „брилијантна и меѓународно призната научничка“ која станала цел на санкции поради нејзината отворена критика кон политичките влијанија врз медиумите и институциите во Србија.

Во соопштението објавено на платформата X, Европските демократи предупредија дека молкот би имал далекосежни последици: „Ако останеме неми, претседателот Александар Вучиќ ќе ја претвори репресијата во рутина. Србија ќе се оддалечи уште повеќе од демократските стандарди.“

Повикувајќи се на основните европски вредности, тие додадоа дека академската слобода е демократска црвена линија, која мора да се брани „пред да исчезне“.

Одлуката на Сенатот следеше по период на засилена јавна дебата околу автономијата на универзитетите и политичкиот притисок врз академските институции во Србија. Претходно, професорката Клеут – позната по своите истражувања во медиумската писменост, политичката комуникација и демократските процеси – јавно ги критикуваше медиумските политики на српската влада.

Реакциите од академската заедница во Србија и регионот продолжуваат да се интензивираат. Дел од професорите од Универзитетот во Нови Сад ја оценија одлуката како „опасен преседан“ и „директен удар врз независноста на универзитетот“. Студенти и наставници веќе организираат иницијативи за поддршка, предупредувајќи дека случајот на Клеут симболично ги отсликува пошироките тензиите меѓу академијата и власта.

Професорката сè уште не се огласи со официјално соопштение, но регионалните медиуми наведуваат дека таа добила обемна меѓународна поддршка, особено од колеги кои работат на теми поврзани со демократија, медиуми и човекови права.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни