Европската унија се огласи по протерувањето на хрватски државјани од Србија

Европската комисија изрази загриженост поради апсењето и протерувањето на активисти од цивилното општество од Србија и повика оваа земја да ги почитува меѓународните и европските стандарди при преземањето мерки во врска со националната безбедност.

Ова се наведува во одговорот на новинарски прашања на портпаролот на Европската комисија.

Првично хрватските медиуми, а потоа и некои невладини организации и медиуми од други земји, известија дека полицајци во цивил облечени, во текот на ноќта од вторникот кон средата, ги уапсиле и однеле во полициска станица пет жени од Хрватска кои учествувале на конференција организирана од фондацијата Ерсте.

Набргу по испитувањето, тие беа протерани од Србија и им беше забранет влез во земјата на една година.

„Ние сме загрижени што мирни активисти од цивилното општество, од земји-членки на Европската унија и регионот на Западен Балкан, биле уапсени, а потоа им било побарано да ја напуштат земјата бидејќи претставуваат „безбедносна закана“. Цивилното општество игра клучна улога во изградбата на здраво демократско општество.

Ова се вредности кои не се само во темелите на Европската унија, туку се клучни и за иднината на Србија како кандидат за членство и за нејзините граѓани.

Мерките што се преземаат во интерес на националната безбедност мора да бидат во согласност со законските рамки на Србија и со европските и меѓународните стандарди за човекови права.

Таквите мерки не смее да доведат до ограничување на индивидуалните слободи, вклучително и на странски државјани“, се наведува во одговорот на Европската комисија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни