Европската унија воведе построги визни правила за руските граѓани поради, како што вели, „употребата на миграцијата како оружје, акти на саботажа и потенцијална злоупотреба на визите“.
Руските граѓани повеќе нема да можат да добиваат визи со повеќекратен влез и ќе мора да поднесуваат ново барање за виза секој пат кога патуваат во ЕУ, се вели во соопштението на Европската комисија, пренесува Ројтерс.
Целта на оваа мерка е да се заштити јавниот ред и безбедност, а ќе има ограничени исклучоци за дисиденти, независни новинари и бранители на човекови права.
„Почнувањето војна и очекувањето слободно движење во Европа е тешко да се оправда“, напиша високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, на Платформа X.
Таа посочи дека ЕУ ги заострува правилата за добивање визи за руските граѓани поради континуираното мешање и саботажа од беспилотни летала на европско тло.
„Патувањето во ЕУ е привилегија, а не нешто што се зема здраво за готово“, додаде Калас.