Европската унија воведе дополнителни санкции против Русија

Министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија во понеделникот усвоија нов пакет санкции против Русија, опфаќајќи 12 физички лица и две правни лица поради, како што се наведува, хибридни и дестабилизирачки активности насочени кон ЕУ и нејзините партнери.

На листата на санкционирани се вклучени аналитичари на надворешна политика поврзани со институции, тинк-тенкови и универзитети блиски до Кремљ, како и влијателни поединци кои промовираат проруска пропаганда, теории на заговор за руската инвазија врз Украина и наративи насочени против Украина и НАТО. Дел од нив се поранешни воени или полициски функционери од западноевропски земји.

Министрите воведоа санкции и против Меѓународното русофилско движење, поради ширење на дестабилизирачки пораки во согласност со официјалните позиции на руската влада, како и против 142-та баталјон за електронско војување со седиште во Калининград. Според ЕУ, оваа единица е одговорна за попречување на кратковалните комуникациски системи и за електронско војување, вклучително и за неодамнешните прекини на GPS сигналот во неколку земји членки.

На санкциската листа се најдоа и припадници на руската Воено-разузнавачка служба ГРУ, како и групата за киберзакани „Cadet Blizzard“, која, според наводите, извршувала кибернапади врз државни институции во Украина, земјите од ЕУ и НАТО, со цел прибирање чувствителни информации и политичка дестабилизација.

Со оваа одлука, рестриктивните мерки на ЕУ поради дестабилизирачки активности на Русија сега се применуваат на вкупно 59 физички лица и 17 правни субјекти.

Покрај тоа, ЕУ воведе санкции и против уште пет лица и четири компании кои, според Брисел, ѝ помагаат на т.н. руска „флота во сенка“. Станува збор за бизнисмени директно или индиректно поврзани со руските нафтени компании „Роснефт“ и „Лукоил“, кои претставуваат значаен извор на приходи за руската држава. Санкционирани се и бродски компании со седиште во Обединетите Арапски Емирати, Виетнам и Русија, чии танкери се дел од мрежата што Москва ја користи за заобиколување на забраната за извоз на нафта.

Од Европската унија порачуваат дека новите мерки имаат за цел да го ограничат влијанието на Русија и да одговорат на активностите што ја загрозуваат безбедноста и стабилноста на Унијата и нејзините партнери.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни