Европската унија покрена истрага против платформата X поради сексуализирани слики генерирани од Grok

Европската комисија истражува дали платформата X ги прекршила правилата на ЕУ откако AI-алатката Grok се користела за создавање сексуализирани слики од жени и деца.

Европската комисија покрена формална истрага против Grok, чет-ботот со вештачка интелигенција на социјалната мрежа X, откако беше утврдено дека алатката за уредување слики се користела за виртуелно „соблекување“ жени и малолетни девојчиња на фотографии без нивна согласност.

Како што прв објави германскиот весник Handelsblatt, истрагата ќе испита дали платформата X презела доволно мерки за намалување на ризикот од создавање и ширење вакви сексуализирани и незаконски содржини, пренесува Euronews.

Доколку се утврди дека X ги прекршил правилата на Европската унија за онлајн платформи, согласно Законот за дигитални услуги (DSA), Европската комисија може да ѝ изрече казна до шест отсто од глобалниот годишен промет на компанијата.

Можно ново санкционирање на платформата на Илон Маск

Европската комисија веќе во декември минатата година ја казни платформата X, во сопственост на Илон Маск, со 120 милиони евра поради практиките поврзани со верификациските ознаки на корисничките профили и рекламните активности.

Дека истрагата навистина е покрената, потврди и пратеничката во Европскиот парламент Реџина Дорти, која ја претставува Ирска. Таа во писмена изјава наведе дека ќе се оценува дали X ги исполнила своите обврски според дигиталното законодавство на ЕУ, вклучително и барањата за: ублажување на системските ризици, управување со содржината и заштита на основните човекови права.

„Овој случај отвора многу сериозни прашања за тоа дали платформите навистина ги исполнуваат своите законски обврски за проценка на ризиците и спречување на ширење незаконита и штетна содржина“, изјави Дорти, пренесува Reuters.

„Никој не е над законот“

Европската комисија претходно соопшти дека AI-генерираните голи слики од жени и деца, кои циркулирале на платформата X, се „незаконски и застрашувачки“. Според Дорти, овој случај ги разоткрил слабостите во регулацијата и спроведувањето на правилата поврзани со новите технологии за вештачка интелигенција.

„Европската унија има јасни правила за заштита на луѓето на интернет. Тие правила мора да значат нешто и во пракса, особено кога моќни технологии се применуваат во голем обем. Ниту една компанија што работи во ЕУ не е над законот“, порача таа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни