Филтерските и електронските цигари наскоро би можеле да бидат историја во Европската Унија, бидејќи Советот на ЕУ има намера да го следи предлогот на Светската здравствена организација (СЗО) и планира да ги забрани, пишува австрискиот весник Хојте.
Во нацрт-резолуцијата на Советот на ЕУ, до која Хојте имал пристап, се наведува дека „забраната за производство, увоз, дистрибуција и продажба на филтерски цигари би дала важен придонес во сузбивањето на потрошувачката на тутун“, и дека електронските цигари би можеле да бидат укинати.
Како што е најавено, СЗО ќе ги разгледа препораките на својата конференција во Женева во ноември, со можност планираната ревизија на Директивата за тутунски производи да воспостави општа забрана, што ја поддржува и Европската комисија, предводена од Урсула фон дер Лајен, објави пишувањето на Телеграф на Танјуг.
Во весникот се наведува дека таквата забрана би била шокантна за Австрија, каде што 74 проценти од сите продадени цигари се цигари со филтер.
СЗО се стреми кон „генерација без никотин“, што би можело да значи дека тутунските производи би можеле да бидат елиминирани од бензинските пумпи, киосците и продавниците за тутун во иднина, додека продажбата во малопродажните продавници би била строго ограничена, а профитот од тутун во голема мера би бил елиминиран.