Европската комисија го предложи 20. пакет санкции против Русија, насочен кон енергетскиот сектор, финансиските услуги и трговијата, со цел мерките да бидат усвоени пред четвртата годишнина од почетокот на војната во Украина, на 22 февруари.
„Комисијата предлага нов пакет санкции, дваесетти од почетокот на руската агресија врз Украина“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Нови ограничувања за руската нафта и енергетскиот сектор
Во рамки на пакетот се предлага целосна забрана за поморски услуги поврзани со транспорт на руска сурова нафта, со цел дополнително да се намалат приходите од извоз на енергенси и да се отежне пронаоѓањето купувачи за руската нафта.
„Бидејќи бродскиот транспорт е глобален бизнис, оваа целосна забрана ја предлагаме во координација со земјите истомисленички, по одлука на групата Г7“, изјави фон дер Лајен.
Пакетот вклучува и додавање уште 43 брода од т.н. руска „флота во сенка“ на листата санкционирани пловни објекти. Со тоа, вкупниот број на санкционирани бродови кои Русија ги користи за заобиколување на санкциите достигнува 640.
Дополнително, се предлагаат мерки што ќе ѝ го отежнат на Русија набавувањето нови танкери, како и сеопфатна забрана за одржување и други услуги за LNG-танкери и мразоломци.
Удар врз рускиот финансиски систем
Вториот сегмент од санкциите е насочен кон ограничување на рускиот банкарски систем и неговата способност да создава алтернативни платни канали за финансирање на економските активности.
На листата на санкционирани се додаваат уште 20 руски регионални банки, како и неколку банки од трети земји кои учествувале во олеснување на нелегална трговија со санкционирана стока.
Предвидени се и мерки против користење криптовалути, компании и платформи кои овозможуваат тргување со крипто-средства, со цел да се спречи заобиколување на санкциите.
Построги ограничувања за увоз и извоз
Третиот дел од пакетот се однесува на дополнително заострување на извозните ограничувања кон Русија, кои опфаќаат широка палета производи и услуги – од гума и трактори до услуги за кибер-безбедност.
Се предлага и нова забрана за увоз на метали, хемикалии и критични минерали кои досега не биле опфатени со санкции, како и дополнителни ограничувања за извоз на технологии и материјали што се користат за воени цели, вклучително и за производство на експлозиви.
„Санкциите функционираат“
Фон дер Лајен ги повика земјите членки што поскоро да го одобрат пакетот санкции, „со цел да се испрати силен сигнал во пресрет на мрачната четврта годишнина од војната“.
Таа истакна дека руските приходи од нафта и гас во 2025 година паднале за 24 проценти во споредба со претходната година – најниско ниво од 2020 година.
„Приходите од нафта и гас во јануари ќе бидат најниски од почетокот на војната. Ова потврдува дека нашите санкции даваат резултати и ќе продолжиме да ги користиме сè додека Русија не започне сериозни преговори со Украина за праведен и траен мир“, изјави фон дер Лајен.
