Европската комисија предлага укинување на роамингот за Западен Балкан

Темата повторно се актуализира откако на 1 јануари 2026 година Молдавија и Украина формално влегоа во режимот „роаминг како дома“.

Европската комисија објави дека ќе побара одобрение од Советот на Европската Унија за отворање преговори со шесте земји од Западен Балкан за укинување на роамингот при патување во државите членки на ЕУ. Предлогот се однесува на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.

Доколку Советот ѝ даде мандат на Комисијата, ќе започнат билатерални преговори со секоја земја поединечно. По потпишување на договорите и целосно усогласување со правилата на ЕУ за роаминг, граѓаните ќе можат да разговараат, праќаат пораки и користат мобилен интернет без дополнителни трошоци – по принципот „роаминг како дома“.

Од Европската комисија наведуваат дека ова е конкретен чекор во рамки на Планот за раст на Западен Балкан од 2023 година, кој предвидува постепена интеграција на регионот во единствениот европски пазар уште пред формалното членство.

„Ова значи беспрекорна поврзаност по домашни цени не само за граѓаните и бизнисите од Западен Балкан што ја посетуваат ЕУ, туку и за патниците од ЕУ во Западен Балкан“, соопштија од Комисијата.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека високите роаминг-трошоци се реален проблем за граѓаните во регионот.
„Изненадувачки сметки или повисоки трошоци при патување се нешто што повеќе не го знаеме во ЕУ. Денес предложивме да се прошири ова на Западен Балкан“, рече Кос.

Извршната потпретседателка на Комисијата за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, оцени дека станува збор за значаен чекор кон приклучување на регионот кон европското „роаминг семејство“.

Зошто Северна Македонија досега не е дел од системот?

Темата повторно се актуализира откако на 1 јануари 2026 година Молдавија и Украина формално влегоа во режимот „роаминг како дома“.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во интервју изјави дека идејата е присутна уште од 2014 година, но не била реализирана поради недоволна правна усогласеност.

„Не беше завршена домашната задача“, рече Андоновски, објаснувајќи дека земјата требало уште во 2018 година да го прилагоди Европскиот комуникациски код и неколку дополнителни регулативи во националното законодавство.

Според него, во 2025 година е донесен нов Закон за електронски комуникации, а сега следуваат измени за целосно усогласување со европското право. Од Делегацијата на ЕУ посочуваат дека нема утврден рок за завршување на процесот и дека секоја земја ќе се оценува поединечно врз основа на нејзината усогласеност и капацитет за спроведување.

Процесот, како што наведуваат од Брисел, е сложен и бара техничка, правна и институционална подготвеност. Но, доколку биде реализиран, тоа би значело значително олеснување за граѓаните и бизнисите од регионот – без страв од високи сметки при патување во ЕУ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни