Европската комисија ќе го одложи воведувањето пакети на царини на увоз на американски производи од први на 13 април, кои требаше да бидат одговор на воведувањето американски царини на европскиот челик и алуминиум, за да се остави време за постигнување на обострано прифатливо решение, изјави европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ.
Шефчовиќ нагласи пред Европскиот парламент дека контрамерките на ЕУ, најавени на 12 март, треба да стапат на сила средината на април, пренесува порталот Политико.
„Тоа ќе ни даде дополнително време за преговори со американските партнери, за да дојдеме до обострано прифатливо решение, што го преферираме“, објасни тој.
Порталот укажува дека одложувањето ќе ѝ овозможи на Комисијата да направи прилагодување на својот одговор на реципрочните царини, кои од Вашингтон треба да стапат на сила на 2 април.
Одлуката следува по критиките на лидерите на Ирска, Италија и Франција во врска со тоа како ЕУ го решава прашањето на контрамерките на американските царини, особено по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека, ако ЕУ одговори, ќе воведе царини од 200 отсто на сите вина, шампањци и алкохолни производи од ЕУ.