Европската комисија ја казни компанијата „Мета“ со 797,72 милиони евра поради прекршување на антимонополските правила на ЕУ со поврзувањето на нејзината онлајн услуга „Фејсбук Маркетплејс“ со социјалната мрежа Фејсбук и поради наметнување нефер услови за конкурентските даватели на услуги за рекламирање на Интернет.
Како што соопшти денеска ЕК, нејзината истрага покажала дека „Мета“, како доминантна компанија на пазарот за социјални мрежи и во делот за рекламирањето на Интернет, ги злоупотребила своите позиции прекршувајќи го член 102 од Договорот за функционирање на Европската Унија.
Овие прекршување се однесуваат на поврзувањето на онлајн услуга „Фејсбук Маркетплејс“ со социјалната мрежа Фејсбук и на едностраното наметнување нефер услови за тргување на другите даватели на услуги за онлајн реклами на платформите на „Мета“, пред се на Фејсбук и Инстаграм.
Според ЕК, „Мета“ автоматски им овозможува пристап до „Фејсбук Маркетплејс“ на сите корисници на социјалната мрежа Фејсбук, без разлика дали тие го сакаат тоа или не, како и дека ги фаворизира рекламите на оваа онлајн платформа пред оние на нејзините конкуренти.
Дополнително, истрагата заклучила дека „Мета“ со наметнувањето на свои правила се става во позиција да може да користи податоци поврзани со реклами генерирани од други огласувачи во интерес на „Фејсбук Маркетплејс“.
Комисијата бара од Мета да прекине се ваквото однесување и во иднина да не го повторува овој прекршокот или да не применува слични практики кои би имале идентичен ефект.
Според извршната потпретседателка на Европската комисија за Европа прилагодена на дигиталната ера и еврокомесарка за конкурентот Магрете Вестагер, користејќи ја својата доминантна позиција, „Мета“ ја фаворизирала својата платформа „Фејсбук Маркетплејс“ пред останатите даватели на услуги во сферата на онлајн рекламирањето.
– Ова е нелегално според антимонополските правила на ЕУ. „Мета“ мора веднаш да престане со ваквото однесување, порача Вестагер.