Речиси секој втор ден по една жена во Македонiнија заболува од рак на грлото на матката. Во 2022 година 66 жени починале од оваа малигна болест. Во светот, од рак на грлото на матката умираат над 300.000 жени, односно на 2 минути болеста зема една жртва. Ракот на грлото на матката е четврти најчест канцер кај жените, со околу 600.000 нови случаи секоја година. Околу 90% од 342.000 смртни случаи предизвикани од рак на грлото на матката се случиле во земјите со низок и среден приход. Регионалните разлики во оптоварувањето со рак на грлото на матката се поврзани со нееднаквостите во пристапот до услугите за вакцинација, скрининг и третман, факторите на ризик, вклучувајќи преваленца на ХИВ, и социјалните и економските детерминанти како што се полот, родовите предрасуди и сиромаштијата.
Од 2007 година, секој јануари се одбележува Европската недела на превенција на рак на грлото на матката. Иницијативата беше покрената од Европската асоцијација за борба против рак на грлиќот на матката (European Campus Card Association-ECCA), по што Советот на Европа донесе препораки за започнување на кампањата и одбележување на Европската недела на превенција на рак на грлиќот на матката.
Неделата за превенција на рак на грлото на матката е можност да се подигне свеста за ризикот од рак на грло на матката и да им се помогне на жените да научат како да ги намалат овие ризици и да ја спречат болеста. Секоја година од 23 до 29 јануари се одбележуваа оваа недела, со цел да се крене свесноста за ракот на грлото на матката.
Ракот на грлото на матката е чест карцином кај жените на возраст над 35 години, а 75% од карциномот на грлото на матката може да се спречи со методите за превенција. Неделата за превенција на рак на грлото на матката ги охрабрува жените да го намалат ризикот од оваа болест преку промовирање на чекорите што можат да ги преземат за да се грижат за своето здравје.
Кревањето на свесноста треба да го направиме со: Споделување на информации за скрининг за рак на грло на матка, споделување на информации за симптомите и дијагноза на рак на грло на матка и со споделување информации за ХПВ вакцинацијата.
Што е цервикален канцер?
Цервикалниот канцер е сериозна болест, која најчесто во раните стадиуми не дава никакви симптоми, па затоа и е тешка за откривање, симптомите најчесто се јавуваат откако болеста веќе е проширена. Симптомите кои се јавуваат кај ова заболување може да се поделат во 2 групи, симптоми кои се јавуваат во рана фаза на болест и симптоми кои се јавуваат во подоцна фаза на болест.
Во рана фаза на болеста се јавуваат: Пелвична болка, вагинално крварење пост менопаузално, вагинално крварење по сексуален однос и абнормален вагинален исцедок
Во доцната фаза на болеста се јавуваат: отежната столица со ректално крварење, слабост, малаксаност и губење тежина, отежнато мокрење, силна абдоминална болка и отоци на нозете.
Како што рековме претходно, оваа болест е тешка за дијагноза бидејќи веќе кога ќе се јават симптомите е доцна, па затоа најдобар начин за пристап кон ова заболување е превенцијата. Најбитните работи што можете да ги направите за да помогнете во спречување на рак на грлото на матката е да се вакцинирате против ХПВ, да правите редовни скрининг тестови и да се обратите на лекар ако резултатите од вашиот скрининг тест се абнормални.
Скрининг за рана детекција на рак на грло на матка
Со организиран скрининг за рана детекција на рак на грло на матка, се опфатени жените на возраст од 36 до 45 години, кои во последните три години немаат направено ПАП тест. Со ова се овозможува изработка на ПАП тест, со кој би се детектирало можното присуство на преканцерозни или канцерозни промени. Според податоците на Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија, во 2021 година во рамки на скринингот се направени 26217 тестирања. Од сите тие кај 2070 се откриени цитолошки абнормалности.
Еден од значајните фактори во нашата популација кој придонесува за големата смртност од оваа болест е токму фактот што првата фаза од оваа болест е најчесто без симптоми, или тие се неспецифични, па речиси две третини од жените првпат се јавуваат кај гинеколог кога болеста веќе е напредувана. Тогаш самото лекување станува тешко и неизвесно, и покрај оперативниот зафат, бара примена на агресивна радиотерапија, што доведува до продолжување на лекувањето и различни компликации, а сето тоа значително ги зголемува трошоците и ги намалува шансите за излекување.
Постојат повеќе од 200 типови на HPV, од кои околу 40 предизвикуваат инфекции на слузницата на полови органи кај двата пола. Некои од нив предизвикуваат промени во површинските клетки на грлиќот на матката од кои с временски може да се развие рак на грлото на матката.
Во 99,7% од случаите на рак постои HPV инфекција! Во дури 70% од случаите, причинител е некој од високоризичните типови на HPV (16 и 18), кои се докажано карценогени!
Повеќето земји на Европската унија ја воведоа имунизацијата против HPV. Во земјите како САД, каде вакцинацијата се користи од 2006 година, и Австралија, каде се бележи големо покривање со вакцинација, веќе се евидентира значително намалување на бројот на инфицирани со HPV, поретка е појавата на преканцерозни промени на грлиќот на матката кај млади жени, како и генитални кондиломи кај припадниците на двата пола.