Европската десница си прави простор за живот

Крајната десница повеќе не е на маргините — а најопасниот знак не е нејзиниот раст, туку тоа што центарот почна да ги позајмува нејзините аргументи.

Австрија, Холандија, Чешка, Португалија – за само две години, крајно-десничарски партии освоија прво или второ место во земји каде пред десетина години беа политичка аномалија. Но изборните резултати се само симптом. Вистинскиот тренд е потивок и подлабок: европскиот политички центар го помести сопствениот компас.

Од политичка аномалија до место во власт

Во септември 2024, австрискиот FPÖ го освои првото место на парламентарните избори со речиси 29 отсто, прв пат во историјата на земјата. Во Холандија, Герт Вилдерс и неговата PVV победија на изборите во ноември 2023 и влегоа во владејачка коалиција. Во Португалија, партијата Chega освои 22.8 отсто на изборите во мај 2025, изедначувајќи се со социјалистите за второ место. Во Чешка, ANO на Андреј Бабиш, партија блиска до Орбановиот политички круг, ја презеде власта во октомври 2025.

Тоа не се изолирани случаи. Крајната десница учествува во влади или ги поддржува во Финска, Хрватска, Словачка, Шведска и Белгија. Во Италија, Џорџа Мелони управува со стабилно мнозинство уште од 2022 и денес е еден од најмоќните лидери во ЕУ.

Кога центарот позајмува аргументи

Порастот на крајната десница не би бил толку значаен доколку останеше изолиран на политичките маргини. Проблемот е поинаков: мејнстримот почна да ги усвојува нејзините наративи.

Во февруари 2025, германскиот канцелар Фридрих Мерц изгласа миграциска резолуција во Бундестагот со гласовите на AfD. Тоа беше прв пат по Втората светска војна конзервативна влада да се потпре на крајната десница за да помине закон. Реакцијата беше силна, но Мерц не го повлече чекорот.

Во Франција, Марин Ле Пен го поздрави Макроновиот нацрт-закон за имиграција од 2023 како своја „идеолошка победа”.

Данска, пак, се претвори во парадигматски пример за социјалдемократи кои преземаат рестриктивна миграциска политика за да ги блокираат десните партии.

На ниво на ЕУ, Европската народна партија сè почесто гласа со ECR и PfE групите за да обезбеди мнозинство. Границата меѓу умерената и радикалната десница станува административна, не идеолошка.

Не се сите исти, но методот е еден

Важно е да се прави разлика.

Џорџа Мелони дојде од пост-фашистичка традиција, но управува во рамки на европските институции и е клучен партнер на Брисел за миграциската политика кон Северна Африка.

Херберт Кикл го изгради австрискиот FPÖ врз отворена критика на либералната демократија, се нарекува „народен канцелар” и ги таргетира независните медиуми и невладини организации.

Герт Вилдерс со децении гради политика врз еден столб: антиисламизам и рестриктивна имиграција, без поширока идеолошка програма.

Виктор Орбан по 15 години на власт изгради систем кој меѓународните истражувачи го нарекуваат „изборна автократија”, ги контролира медиумите, судството и академијата, и останува единствениот европски лидер со отворени врски со Москва.

AfD е под надзор на разузнавачките служби поради екстремистички елементи, а источногерманскиот крак е официјално класифициран како докажано екстремистички.

Тоа се различни партии, со различни програми и различен степен на радикализам. Но она што ги врзува е методот: антиелитизам, миграцијата како централна политичка оска, ерозија на независните институции и медиуми, и реторика која го дели општеството на „нас” и „нив”.

Токму тој метод, а не само изборните резултати, е она што го поместува европскиот политички центар на гравитација.

Европската десница не бара само гласови. Си прави простор за живот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни