Европска комисија порача: Обезбедете залихи за најмалку три дена

Стратегијата вклучува 30 клучни дејства и детален акциски план за зголемување на подготвеноста.

Европската комисија вчера ја претстави стратегијата за подготвеност на ЕУ во случаи на природни катастрофи, сајбер напади, геополитички кризи и повика граѓаните да обезбедат неопходни залихи за најмалку три дена.

Клучните цели на стратегијата вклучуваат подготвеност за осигурување на функционирањето на основни услуги како што се болници, училишта, транспорт, телекомуникации, обезбедување на залихи на критична опрема и материјали, како и природни ресурси како што е водата, во случаи на вакви кризи.


Граѓаните треба да имаат подготвени залихи на неопходни предмети со кои можат да преживеат три дена, што веќе е вообичаена пракса во некои скандинавски земји.

Тоа вклучува вода, храна, лекови, батериски лампи, кибрит и слично.

“Нова реалност бара ново ниво на подготвеност во Европа. Нашите граѓани, земјите-членки и нашите компании треба да имаат вистински алатки за спречување на кризи и за брзо реагирање кога ќе се случи непогода”, изјави претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен.

Комисијата наведува дека ЕУ во моментов се соочува со кризи и предизвици кои не можат да се занемарат, од растечките геополитички тензији и конфликти, хибридни и сајбер закани, странски манипулации со информации и мешања, до климатски промени и се почести природни катастрофи. Затоа, Европската унија мора да биде подготвена да ги заштити своите граѓани и клучните општествени функции кои се клучни за демократијата и секојдневниот живот.

Стратегијата вклучува 30 клучни дејства и детален акциски план за зголемување на подготвеноста.

Во стратегијата се препорачува да се воведат лекции за подготвеност во училиштата, да се воведе Ден на подготвеност во ЕУ со цел подигнување на свеста за важноста на ова прашање. Се препорачува воспоставување на кризен центар на ЕУ за подобрување на интеграцијата меѓу постојните механизми за кризни ситуации на ЕУ.

Комисијата предлага и поголема соработка помеѓу војската и цивилната заштита, редовно спроведување на вежби за подготвеност низ цела ЕУ, во кои ќе учествуваат вооружените сили, цивилната заштита, полицијата, безбедносните агенции, здравствените работници и пожарникарите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни