Предлогот има за цел да воведе јасно дефиниран исклучок од постојното правило според кое сите гласови во пленарните седници мора да се дадат лично. Според новата можност, членките и членовите на Парламентот кои се бремени или неодамна родиле би можеле да ги делегираат своите гласачки права на друг европратеник – до три месеци пред очекуваниот термин и до шест месеци по породувањето.
Мерката е дизајнирана како доброволна и има за цел да го усогласи принципот на лично гласање со потребата за инклузивност и еднаквост во политичкото претставување. Со неа, европратениците сакаат да испратат пример и кон националните парламенти, промовирајќи поправедни услови за учество и зајакнување на демократската легитимност.
Предлогот, инициран од претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, беше усвоен со 28 гласа „за“, еден „против“ и без воздржани. Придружната резолуција доби 26 гласа „за“ и четири „против“.
„Ниту еден избран претставник не треба да избира помеѓу својот глас и своето дете,“ изјави известувачот Хуан Фернандо Лопез Агилaр (С&Д, Шпанија). „Овозможувањето гласање по полномошно за европратенички на породилно отсуство ја зајакнува демократската застапеност и гарантира дека гласовите на избирачите ќе продолжат да се слушаат во месеците пред и по породувањето. Оваа мерка дава нов поттик на амбициозната реформа на Изборниот акт на ЕУ и ја поддржува нашата цел за промовирање родова еднаквост и рамнотежа меѓу работата и семејниот живот.“
Следниот чекор е гласање на пленарна седница на Европскиот парламент, закажано за 12 и 13 ноември во Брисел. Потоа, текстот ќе биде доставен до Советот на ЕУ за едногласно усвојување од страна на земјите-членки. Доколку се направат измени, новиот нацрт-закон ќе треба да биде повторно одобрен од мнозинството европратеници, а за стапување во сила ќе биде потребна ратификација во сите земји на Унијата согласно нивните уставни процедури.
Овој предлог претставува продолжение на заложбите на Европскиот парламент за унапредување на родовата еднаквост и воведување современи стандарди на работа во претставничките институции.
Извор:Еuroparl.europa.eu/