Европратениците бараат координиран одговор на ЕУ на руските провокации 

Европратениците бараат координиран одговор на ЕУ на руските провокации 

На Европската Унија и се потребни координирани акции, посилна одбрана и санкции за да справи со руските провокации насочени кон безбедноста и инфраструктурата на ЕУ, се наведува во Резолуцијата на Европскиот праламент усвоена денеска со 469 гласови „за“, 97 „против“ и 38 „воздржани“. 

Со резолуцијата „остро се осудуваат неодговорните и се почести активности“ на Русија за нарушување на воздушниот простор на земји членки на ЕУ и НАТО, како и намерните упади на дронови насочени кон критичната инфраструктура.  

„Тие (активности) се дел од систематската хибридна војна и провокации на Русија против ЕУ и нејзините земји членки,“ се вели во Резолуцијата. 

Европратениците ја охрабруваа секоја иницијатива што ќе им овозможи на ЕУ и нејзините земји членки да преземат „координирани, заеднички и соодветни активности против сите нарушувања на нивниот воздушен простор, вклучително и со соборување на воздушните закани“.  

Со резолуцијата се поддржуваат иницијативите „Ѕид од дронови“ и „Чувар на источното крило“ и се нагласува потребата со нив да бидат опфатени и сите земји членки на ЕУ на нејзиното јужно крило што се соочуваат со директни безбедносни предизвици.  

Во документот се оценува дека саботажите и хибридните активности на Русија против ЕУ претставува „тероризам спонзориран од државата“. 

„ЕУ мора да покаже решителност и да сигнализира дека секоја трета земја што се обидува да го наруши суверенитетот на држава членка веднаш ќе се соочи со одмазда,“ се вели во Резолуцијата, со која се бара и зголемување на ефикасноста и влијанието на санкциите кон Русија, како и санкционирање на државите и правните субјекти што ја овозможуваат руската агресија врз Украина. 

Во документот се повикува и на подобрена координација, единство и солидарност меѓу земјите членки, институциите на ЕУ и структурите на НАТО и се потенцира потребата од создавање на „вистинска Европска одбранбена унија“, кој ќе оди подалеку од постојните рамки поставени со „Белата книга за европска одбрана“ и планот „Подготвеност 2030“.  

– Овој напредок треба да оди рака под рака со соодветно финансирање во рамките на тековната и следната повеќегодишна финансиска рамка, се додава во Резолуцијата. 

Со документот се повикува и на „суштински напредок“ во одбранбената соработка на ЕУ со Украина, како и на брзо финализирање на законодавството за Европската програма за одбранбената индустрија.

Резолуцијата произлезе од вчерашната дебата во Европскиот парламент посветена на одговорот на Унијата на неодамнешните руски нарушувања на воздушниот простор и загрозувањето на критичната инфраструктура на земјите членки на блокот, во која учествуваа и данската министерка за европски прашања Мари Бјере и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни