Добро организирана криминална група вклучена во големи измами во Западна Европа е разбиена во координирана операција предводена од полициски служби од Романија и Обединетото Кралство, со поддршка од Европол и Евроџаст, агенцијата за соработка во кривичната правда на Европската Унија.
Бандата патувала од Романија во западноевропски држави, а најмногу во Велика Британија и од банкомати земала поголеми суми на пари.
Подоцна, парите ги переле со вложување во недвижности, компании, купување на луксузни аранжмани за одмор, но и набавка на луксузни предмети вклучително и автомобили и накит.
Во секојдневниот живот користеле навредлив термин за полицијата
Членовите на криминалната група демонстративно користеле навредлив термин за полицијата, кој бил видливо истакнат на регистарските таблички на автомобилите што ги поседувале, на маиците или облеката што ја носеле, во објавите на социјалните мрежи, па имало дури и специјално изработен знак на металната порта на влезот во дворот на куќата каде што живеел еден од нив.
Во декември 2024 година, полицијата спроведе операција против групата во Обединетото Кралство. На 23 јули 2025 година, беше спроведена дополнителна операција против бандата, овој пат во градот Бакау, Романија. Оваа операција резултираше со две апсења, претрес на 18 домови и запленување на имот, луксузни автомобили, електронски уреди и готовина.
Европол обезбеди значајна анализа на податоци врз основа на информации собрани од романски и британски истражители, што беше клучно за успехот на операцијата. За време на истрагата, Европол организираше и неколку оперативни состаноци и испрати аналитичар во Романија за да им помогне на националните власти во спроведувањето на мерките.
Бандата извршила измама користејќи го методот на поништување на трансакции на банкомати (Transaction Reversal Fraud). Осомничените го отстраниле екранот на банкоматот и вметнале банкарска картичка за да побараат подигнување на средствата. Пред да бидат исплатени средствата, ја откажале трансакцијата.
Ова им овозможило да посегнат во машината и да ги земат парите пред да бидат подигнати. Истражителите веруваат дека криминалната група украла приближно 580.000 евра користејќи го овој метод.
Сторителите биле вклучени и во други криминални активности, вклучително и кражба на податоци, фалсификување картички за електронско плаќање и превоз, како и спроведување таканаречени напади со бин – вид измама со картички што се извршува со користење на софтвер дизајниран да препознава броеви на картички и да генерира нелегални приходи преку лажни плаќања.