Во текот на двонеделната операција, биле прегледани околу 250 збирки податоци, секоја со слики од неидентификувано дете – жртва на злоупотреба. Благодарение на деталната анализа и соработката меѓу истражителите, во околу 190 случаи е одредена веројатната земја на извршување на кривичното дело.
Досега, Европол проследил повеќе од 50 случаи до националните власти, а постапката за другите е во тек. Идентификувани се три деца-жртви, кои се заштитени од соодветните институции во нивните земји.
Материјалот кој се анализирал опфаќал се – од видеа со директна сексуална злоупотреба до случаи на сексуално изложување преку жив пренос, резултат на намами и присила од сторители. Жртвите се од различна возраст – од мали деца до тинејџери – и од различни делови на светот, што уште еднаш го потврдува ужасниот глобален опсег на овие злосторства.
„Нема премали траги“
Идентификацијата на жртви во огромен волумен на дигитален материјал е исклучително сложена задача. Но, и најмалиот детаљ може да биде клучен – дел од мебел, етикета, јазичен знак или предмет карактеристичен за одреден регион. Граѓаните се охрабруваат да помогнат при идентификација на видливи објекти на фотографиите. Вашиот придонес може да спаси дете.
Од 2014 година до денес, операциите на VIDTF довеле до заштита на над 940 деца и апсење на повеќе од 283 сторители.
Во акцијата учествуваа:
Земји членки на ЕУ:
Белгија, Данска, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Ирска, Италија, Литванија, Латвија, Холандија, Полска, Романија, Словенија, Шпанија, Шведска.
Земји надвор од ЕУ:
Албанија, Австралија, БиХ, Канада, Грузија, Молдавија, Нов Зеланд, Северна Македонија, Норвешка, Србија, Швајцарија, Велика Британија, САД.