Европа заробена во снег и мраз: Франција брои загинати

Во Велика Британија снежниот бран предизвика хаос во транспортот, со стотици затворени училишта, а властите во Шкотска повикаа војската да помогне во чистење на снегот и доставата на храна и лекови за граѓаните кои се блокирани во снегот

Европа се соочува со силен и студен бран кој донесе обилни врнежи од снег, поледица и ниски температури, предизвикувајќи сериозни проблеми во сообраќајот, снабдувањето со електрична енергија и секојдневниот живот. Особено тешка е ситуацијата во Франција, Холандија, Велика Британија и северниот дел на Италија.

Во Франција, снежните и ледени услови го претворија патниот систем во „лизгалишта“, а последиците се трагични. Според Министерството за сообраќај, најмалку пет лица загинаа во сообраќајни несреќи предизвикани од поледицата, а три нови смртни случаи се регистрирани само утрово во две одделни несреќи. Од надлежните служби се издадени предупредувања дека состојбата ќе остане критична и во текот на денот.

Слична ситуација владее и во Холандија, каде обилните снежни врнежи предизвикаа затворање на аеродромот во Амстердам, со околу 400 откажани летови. Железничкиот сообраќај е сериозно нарушен, а патниците се советуваат да патуваат само доколку тоа е апсолутно неопходно.

Во Велика Британија снежниот бран предизвика хаос во транспортот, со стотици затворени училишта, а властите во Шкотска повикаа војската да помогне во чистење на снегот и доставата на храна и лекови за граѓаните кои се блокирани во снегот. Во Италија снегот и дождот предизвикаа поплави, а северните региони, вклучувајќи ги Болонја и Доломитите, се подготвуваат за уште пониски температури во наредните денови.

Во Берлин, повеќе од 25.000 луѓе веќе четврти ден се без струја поради снежниот и ледениот бран, додека тимовите на терен се обидуваат да го нормализираат снабдувањето. Слични проблеми се забележуваат и во повеќе делови на Европа, што ја покажува ранливоста на инфраструктурата дури и во најразвиените земји.

На Балканот снежниот и дождовниот фронт создаде проблеми во снабдувањето со струја и вода, особено во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Во Сараево е регистриран смртен случај поради пад на дрвена гранка, а морето на Ада Бојана однесе неколку помали куќи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни