Додека Европа систематски развива стратегии за греење со децении, полето на ладење останува запоставено – и сè појасно е дека без него е невозможно да се обезбеди здравјето, енергетската стабилност и безбедноста на граѓаните во услови на сè почести топлотни бранови.
Според анализата на Атлантскиот совет, додека греењето и зимската енергетска безбедност беа дефинирани преку организирани државни мерки како што се стратешките резерви на гас и субвенциите, ладењето во Европа се развиваше спонтано.
Клима уреди – луксуз за богатите?
Растот на бројот на клима уреди во Европа е најмногу забележан во деловни простории и домови на граѓани со повисоки приходи. Сепак, голем дел од тие системи се застарени, лошо одржувани и инсталирани во згради без соодветна изолација, што претставува дополнителен товар за електричната мрежа.
За разлика од греењето, кое е вклучено во јавните и енергетските политики, ладењето е оставено на индивидуални одлуки – „по домаќинство и канцеларија“, без поширока стратегија и планирање, вели Коватариу. Затоа целата област е нерегулирана и неправедно распределена.
Топлината ја уништува инфраструктурата
Топлинските бранови не само што ја зголемуваат потрошувачката на електрична енергија, туку трајно ја оштетуваат енергетската инфраструктура. Сушите го намалуваат производството на хидроелектраните, високите температури го оневозможуваат ладењето на реакторите во нуклеарните централи, а топлината ги прегрева трансформаторите и спроводниците.
Поради ова, земјите се повеќе се потпираат на фосилни горива – гас и јаглен, што ја зголемува зависноста од надворешни испораки, вклучително и од Русија. Во исто време, емисиите на стакленички гасови се зголемуваат, а електричната енергија станува поскапа, особено за посиромашните граѓани кои се повеќе не можат да си ја дозволат.
Ладењето мора да стане дел од енергетската политика
Решенија како што се централното ладење, енергетски ефикасните згради и урбаните адаптации можат да ги ублажат ефектите од топлотните бранови, да ја намалат потрошувачката на гориво и да обезбедат пофер пристап до ладење.
Коватарију ја нагласува потребата од јавни и приватни инвестиции, како и од модернизација на постојните системи.
„Ладењето не е луксуз, туку станува клучен фактор за зачувување на здравјето, економската безбедност и отпорноста на климатските кризи“, заклучува авторот, предупредувајќи дека Европа без јасна стратегија за борба против топлината ризикува чести енергетски и социјални кризи.